Пролог: Свети Трифун патријарх Цариградски
 

 

Житие: Свети Трифун патријарх Цариградски

Календар, житија, пости
Почеток
 
Царот Роман, а тој владееше со Византија во почетокот на 10 век, имаше син Теофилакт на возраст од шеснаесет години кога умре патријархот Стефан. Царот сакаше да го возведе за патријарх својот малолетен син, бидејќи го имаше заветувано на духовна служба, но се засрами да го направи тоа. На патријаршискиот престол седна Свети Трифун, прост но чист и благочестив старец. Трифун остана на престолот три години. Кога царскиот син влезе во дваесеттата година, царот намисли по секоја цена да го тргне Трифун од престолот, а да го постави својот син. Божјиот светител Трифун не сакаше доброволно да си оди од престолот не заради нешто друго, туку затоа што сметаше за голема соблазна толку млад човек да се возвиси на таква одговорна и тешка положба како што е патријаршиската. Тогаш со сплетка на еден зол епископ измамија од Свети Трифун потпис на чиста хартија и над потписот во царскиот дворец ја напишаа божемната оставка на патријархот, којашто царот ја објави. За ова настана голем смут во Црквата, зашто народот и свештенството стоеја на страната на Божјиот човек Трифун. Тогаш царот насилно го тргна Свети Трифун и го испрати во манастир, а својот син Теофилакт го воздигна за патријарх. Свети Трифун поживеа во манастирот како подвижник две години и пет месеци и се упокои во Господ во 933 година.