Пролог: Преподобен Козма Мајумски
 

 

Житие: Преподобен Козма Мајумски

Календар, житија, пости
Почеток
 
Благочестивите родители на светиот Јован Дамаскин, кои живееле во градот Дамаск, зеле во својот дом едно мало христијанско сираче по име Козма, родум од Ерусалим, кое многу рано останало без родители. Посинувајќи го малиот Козма, тие го воспитувале заедно со својот син Јован. Двајцата светители уште од мали ја изучиле мудроста Божја. Бистри и трудољубиви, за кратко време ја изучиле книжевноста и философијата, а покрај тоа и астрономијата, музиката и геометријата. Најревносно го изучувале Светото Писмо и поради тоа биле почитувани од сите. Духовно пораснати и во зрели години, двајцата го напуштиле светот и отишле во лаврата на свети Сава Осветен. Земајќи го на себе монашкиот јарем, Козма строго се подвизувал, и со животот и богомудроста заблескал во Црквата Христова. Му помагал на свети Јован Дамаскин во составувањето на Осмогласникот, но и самиот испеал многу канони. Напишал прекрасни канони за Успение на Пресвета Богородица, Божик, Крстовден, Сретение (со стихири), Педесетница, трипесници на понеделникот, вторникот, средата и петокот во Страсната Седмица. Исто така, свети Козма ја составил особено боговдахновената песна во чест на Пресвета Богородица: „Честнејшују херувим…“ Подоцна, свети Козма бил поставен за епископ Мајумски. Како епископ, богоугодно го пасел своето стадо на спасоносното пасиште Христово. Доживувајќи длабока старост, мирно се упокоил во Господ на 12/25 октомври.

Тропар
Острината на лицето твое ја издаваше длабочината на духот и тагата поради падот човечки, безумието на темнината и жалоста за оние кои на Бога не пеат „Алилуја“. Затоа Севишниот, Кој срцата ги испитува благодатно го ободри умот твој, раката ја водеше за прослава Негова и на оние кои ја возљубија Вечноста. И сега не престанувај, преподобен Козмо пастире, да се молиш за сите кои Господ Го величаат, а и сега знаат да пеат: Честнејшују херувим и славнејшују безсравненија Серафим.