Пролог: Светите маченици Ермил и Стратоник
 

 

Житие: Светите маченици Ермил и Стратоник

Календар, житија, пости
Почеток
 
Царот Ликиниј покрена луто гонење на христијаните. Св. Ермил, христијанин и ѓакон при една црква, го фатија и го изведоа на суд. Кога му кажаа дека го водат на мачење, тој многу се израдува. Залудно му се закануваше царот, Ермил слободно ја исповеда својата вера во Христа и на заканите му одговори: „Господ ми е помошник, од кого да се бојам, што може да ми направи човек?“ (Пс. 117, 6). После тешки мачења Ермил го фрлија во затвор. А чувар му беше Стратоник, потаен христијанин, којшто со сето срце сострадуваше со Ермил. Кога и Стратоник му го доставија на царот како христијанин, царот пресуди обајцата да се потопат во Дунав. После три дена нивните тела водата ги исфрли на брегот и христијаните ги најдоа и ги погребаа на осумнаесет стадиони далечина од Белград. Овие славни маченици пострадаа за Христа и се прославија во 315 година.

Тропар
Вие, свети маченици Ермиле и Стратониче, закрепнати од благодатта Господова, Христос вашиот Спасител ве поттикна во подвигот маченички, трката кон слободата ја завршивте, верата ја одржавте и Царство Небесно наследивте, молете се за нас, о вие војници Христови, да се спасат нашите души.