Пролог: Свети Климент, архиепископ Охридски
 

 

Житие: Свети Климент, архиепископ Охридски

Календар, житија, пости
Почеток
 
Ученик на Светите Методиј и Кирил. По смртта на Св. Методиј Климент, под притисок на Германците, од Моравија тргна на југ. Со Горазд, Наум, Сава и Ангелариј - заедно наречени Петочисленици - го помина Дунав, поседе како гостин при царот Борис Михаил и потоа дојде во охридскиот крај. Прво основа манастир во Белица, кај што му беше и првото епископско седиште. Подоцна се пресели во Охрид и оттаму разви голема архипастирска и просветителска дејност за целата поблиска и подалечна околина. Во Охрид Свети Климент му подигна црква на Св. Пантелејмон. Имаше голем број ученици коишто ги препишуваа книгите со словенски букви за словенскиот народ. При таа дејност особено му помагаше Св. Наум. Вршеше чуда и за време на земниот живот, а неговите мошти до денешен ден пројавуваат исцелителна сила. После големиот труд и верната служба на Бога, се упокои мирно во Охрид, во 916 година. Неговите чудотворни мошти почиваат во некогашниот храм на Пресвета Богородица, којшто подоцна се нарече по Свети Климент.

Тропар
Небесен човеку, ангелу земен на благовестието меѓу народот, кој Бога не Го познаваше, Клименте оче преподобен, љубов од Бога просејќи, вера во Него рашири, надеж во сечие срце положи, Слово Божјо во неракотворни таблици испиша дело Кирило-Методиево во слава Господова апостолска продолжи. Моли се и не отстапувај, праведен учителу, пред Христа за наше спасение, до крајот на вековите.