Пролог: Светиот маченик Калиопиј
 

 

Житие: Светиот маченик Калиопиј

Календар, житија, пости
Почеток
 
Единец син, измолен од Бога, на некој сенатор од Перга Памфилиска. Неговата благочестива мајка Теоклија го научи на богопочитување и на благочестив живот уште во раната младост. Кога Калиопиј беше уште момче, настана страшно гонење на христијаните под царот Максимијан. За да го спаси од смртта мајка му го качи на кораб, му даде доволно пари и го испрати во Помпеопол. Но Божјата Промисла устрои поинаку. Кога се симна во Помпеопол Калиопиј западна сред една бурна незнабожечка свеченост. Кога на навалувањето на залудената толпа не сакаше да земе учество во незнабожечкиот празник, го истуркаа пред војводата Максим, на кого тој му исповеда дека е христијанин. Војводата нареди и го биеја со оловни стапови и го печеа на оган, па најпосле ранет го фрлија во затвор. Кога слушна за мачењето на нејзиниот син, мајка му Теоклија им го раздаде имотот на сиромашните и со малку пари побрза во затворот кај него. Најпосле војводата ја изрече конечната пресуда за Калиопиј да биде распнат на крст. Кога го поведоа син ѝ на губилиште, Теоклија им дотури на џелатите пет златници за да го распнат нејзиниот син не како Господ туку наопаку. Ова го направи од смирение пред Господ. Калиопиј беше распнат на Велики Четврток, а мајка му стоеше под крстот благодарејќи Му на Бога. Кога другиот ден мртов го симнаа од крстот, таа падна врз него и издивна и самата. Така излегоа обајцата пред престолот на Царот на славата. Чесно пострадаа во 304 година.