Пролог: Преподобен Арсениј Велики
 

 

Житие: Преподобен Арсениј Велики

Календар, житија, пости
Почеток
 
Овој славен светител е родум од една патрициска фамилија во Рим и добро школуван како во светските науки и во философијата така и во духовната мудрост. Кога ја остави сета светска мудрост, се предаде на служба на Црквата и стана ѓакон во големата црква во Рим. Неоженет, повлечен, молчалив, Арсениј мислеше така да го проживее сиот свој живот. Но Промислата Божја го управи неговиот живот поинаку. Царот Теодосиј го зеде за воспитувач и учител на своите синови Аркадиј и Хонориј и го постави за сенатор, опкружувајќи го со големо богатство, почести и раскош. Но сево ова повеќе го притискаше срцето на Арсениј отколку што го задоволуваше. Се случи еднаш Аркадиј направи некоја беља, а Арсениј го казни за тоа. Навредениот Аркадиј му смислуваше тешка одмазда на учителот, за која Арсениј кога дозна се облече во облека на питач, отиде на морскиот брег, седна на кораб и замина за Мисир. Кога пристигна во славниот Скит, му стана ученик на прочуениот Јован Колов и се предаде на подвиг. Се сметаше себеси за мртов и кога некој му јави дека му умрел некој богат роднина и му го оставил во наследство сиот имот, тој одговори: „Па јас умрев пред него, како можам да го наследам!“ Повлечен во една пустинска келија како во гробница, постојано плетеше кошници од палмови лисја, а ноќе Му се молеше на Бога. Ги одбегнуваше луѓето и секој разговор со нив. Само во празнични денови излегуваше од келијата и доаѓаше в црква да се причести. За да не стане мрзлив, си го поставуваше прашањето: „Арсениј, зошто дојде в пустина? “ Помина педесет и пет години како пустиножител и за сето тоа време им беше пример на монасите и слава за монаштвото воопшто. Поживеа с ѐ на с ѐ сто години и по долготраен труд и доброволно себеналожено мачеништво се упокои мирно, во 448 година. Се пресели во Царството на Христа Бога, Кого Го љубеше со сето свое срце и со сета своја душа.