Пролог: Светиот свештеномаченик Евсевиј, епископ Самосатски
 

 

Житие: Светиот свештеномаченик Евсевиј, епископ Самосатски

Календар, житија, пости
Почеток
 
Многу постигна во изобличувањето на аријанството. Кога се испразни антиохискиот престол, на негово настојување за патријарх беше избран Мелетиј, големо светило на Црквата, којшто после смртта се удостои со голема пофалба од Свети Јован Златоуст. Но сепак аријанците набрзо по востоличувањето го изгонија Мелетиј од Антиохија. Кога умре злиот син на цар Константин, Констанциј, се зацари еден уште полош од него, Јулијан Отстапник. Во времето на Јулијановото гонење на христијаните Свети Евсевиј го слече свештеничкото расо и се облече во војничко руво, па така ги обиколуваше гонетите цркви по Сицилија, Финикија и Палестина, сегде утврдувајќи ја православната вера и поставувајќи свештеници, ѓакони и сиот потребен клир, а некаде дури и епископите ги поставуваше тој. Кога се прочу погибелта на Јулијан, Свети Евсевиј го посоветува Мелетиј да го повика Соборот во Антиохија во 361 година. Присуствуваа дваесет и седум архиереи, уште еднаш се осуди аријанската ерес, а се прогласи православната вера онака како што беше изразена на Првиот Вселенски Собор. Покрај Мелетиј и Евсевиј, на овој Собор особено се забележуваше Свети Пелагиј Лаодикиски, прочуен девственик и подвижник. Овој Собор беше во времето на благочестивиот цар Јовинијан. Но тој цар набрзо умре, а се зацари свирепиот Валент, со којшто повторно кон Православието се наврте прогонство. Свети Мелетиј беше прогонет во Ерменија, Евсевиј во Тракија, а Пелагиј во Арабија. По Валент се зацари Грацијан, кој ? даде слобода на Црквата и ги врати од прогонство архиереите на нивните места. Така се вратија: Мелетиј во Антиохија, Евсевиј во Самосат, а Пелагиј во Лаодикија. Во тоа време голем број епархии и парохии беа како вдовици, па Евсевиј ревнуваше да му најде на народот благочестиви пастири. Но кога дојде во градот Долихин со избраниот епископ Марин, за да го востоличи новиот архиереј, а да ја изобличи ариевската ерес којашто во овој град имаше голем замав, еден еретик-фанатик фрли од покрив ќерамида врз чесната глава на Свети Евсевиј и опасно го рани. Од оваа рана големиот Свет ревнител за Православието умре за да живее вечно во рајското блаженство. Пострада во 379 година.

Тропар
Крин процвета во земјата сириска, мирис се разлеа во Црквата Христова, пастир мудар беше испратен при децата, да се возвеличува Еден Бог во Пресвета Троица. Евсевие свети, со благодат Христова, тебе Духот Свет те наоружа против ересите и лажните учења, моли се, отче, да немаме мноштво патеки, туку еден Пат да следиме кон вечноста.