Пролог: Свети Пречистански преподобномаченици
 

 

Житие: Свети Пречистански преподобномаченици

Календар, житија, пости
Почеток
 
Кон средината на XVI век, монашкото братство од манастирот „Воведение на Пресвета Богородица – Пречиста“,во Кичево, станало вистинска утеха и крепост за напатениот народ, кој страдал под тешкото османлиско ропство. Гласот за нивната слава и духовна сила допрел и до злонамерните Агарјани, па тие на 27 март 1558 година со сета своја јарост се упатиле кон светата Богородична обител. Браќата заедно со присутните мирјани биле собрани, како и обично, во храмот на заедничка Литургија. За време на херувимската песна, отец Аверкиј, кој морал да исполни некое послушание надвор, втрчал во храмот и известил дека кон манастирот се приближува многуброен, насилнички османлиски аскер. Тогаш преподобниот старец Евнувиј, заедно со уште двајца монаси Пајсиј и Аверкиј, подготвени да примат маченички венец, останале во манастирот, а останатите монаси и мирјани заминале во шумата и таму пронашле безбедно место за да ја довршат Литургијата. По службата, откако се увериле дека Агарјаните биле заминати, монасите се вратиле и тука затекнале страшна и тажна глетка: сe било уништено, храмот бил во пламен, а на местото ??сподинец, близу манастирската чешма, лежеле телата на тројцата маченици. Откако непоколебливо одбиле да се приклонат кон иноверното учење и пред разбеснетите Агарјани ја исповедале својата силна вера во Спасителот Христос, тие биле страшно измачувани и примиле маченички венец. Со силното молитвено застапништво на светите тројца преподобномаченици и под покровителство на Пресвета Богородица, светата обител не се распуштила, туку продолжила со својата монашко-просветна дејност. Така, за шест години бил соѕидан нов храм од камен.