Пролог: Светото царско семејство Романови
 

 

Житие: Светото царско семејство Романови

Календар, житија, пости
Почеток
 
Последниот руски цар, Николај II Романов се родил на 19 мај 1868 година, на денот на свети Јов Многустрадален. На престолот стапил по смртта на својот татко, царот Александар III, на 2 ноември 1894 година. За цар е крунисан на 27 мај 1896 година, во соборниот храм „Успение на Пресвета Богородица“ во Кремљ. Сопруга на царот Николај била принцезата Алиса Хесенска, внука на англиската кралица Викторија. Принцезата Алиса, идната царица Александра Фјодоровна, се родила на 7 јуни 1872 година во Дармштат. Николај и Александра се венчале на 19 ноември 1894 година. Во царското семејство се родиле четири ќерки: Олга, Татјана, Марија и Анастасија. На 30 јули 1904 година, царскиот пар го добил долгоочекуваниот син, наследникот на рускиот престол, царчето Алексеј. Царот Николај со големо внимание се грижел за потребите на Православната Црква. Дарувал големи прилози за изградба на нови цркви, воедно и за цркви што се наоѓале надвор од Русија. Во годините на неговото владеење, бројот на парохиските цркви се зголемил за повеќе од 10.000, а се отвориле над 250 нови манастири. Царот особено го почитувал свети Серафим Саровски, за чија канонизација, која се случила во 1903 година и на која лично присуствувал, упорно се залагал. Друг голем руски светител, свети Јован Кронштатски, исто така, имал посебно место во срцето на царот. Царскиот пар се одликувал со длабока религиозност. Задолжителната посета на богослужбите во неделите и на празниците, како и исполнувањето на сите постови, биле нераскинлив дел од нивниот живот. Ноќта на 3/16 јули 1918 година, царското семејство било убиено по повеќе од една година помината во прогонство.