Пролог: Светиот маченик Василиск
 

 

Житие: Светиот маченик Василиск

Календар, житија, пости
Почеток
 
Роднина на Свети Теодор Тирон. Беше мачен заедно со Евтропиј и Клеоник. Кога последниве двајца беа распнати и на трети март издивнаа, Василиск повторно го вратија во затворот. Тогаш се случи смена на царските намесници, па Василиск остана долго во затворот. Со солзи Го молеше Бога да не го лиши од маченичката смрт. И после долга молитва Самиот Господ Исус Христос му се јави, му вети дека ќе му ја исполни желбата и го прати во неговото село да се поздрави со мајка му и со браќата. Тогаш дојде новиот намесник Агрипа и заповеда веднаш да му го доведат Василиск од селото. На патот од селото кон градот Амасија преку Својот маченик Господ изврши големи чуда, заради кои многуброен народ поверува во Христа. Агрипа му нареди на маченикот да му принесе жртва на Аполон. „Аполон значи губител!“, рече Василиск и со усрдна молитва го урна идолот во прав и со небесен оган го изгоре храмот. Уплашениот Агрипа сето тоа им го припишуваше на магиите, та нареди и Василиск го убија со меч. Тогаш Агрипа полуде и во лудилото отиде на губилиштето, најде малку од крвта на маченикот во прашината, си ја подвзра себеси под појасот, од што веднаш стана здрав. Си дојде на себе и се крсти. Подоцна некој Марин, граѓанин Комански (Комани се викаше местото каде што го погубија Василиск) подигна црква за моштите на маченикот и таму мнозина болни наоѓаа исцеление.

Тропар
Вселената те запозна како кроток Христов ученик, тебе Василиске мачениче, миленик на Ангелите, преку тебе благодатта стана оган кој ги гори неверниците. Моли се за нас, ти кој Христа за придружник Го имаше, до небесните порти на вечното спасение.