Пролог: Светиот маченик Исидор
 

 

Житие: Светиот маченик Исидор

Календар, житија, пости
Почеток
 
Во времето на царот Декиј, Исидор беше насила земен во војска од островот Хиос. Од малечок се држеше за Христовата вера и животот го минуваше во пост, во молитва и во добри дела. Во војската штом се прокажа како христијанин, војводата му побара одговор и го советуваше да се одрече од Христа и да им принесе жртва на идолите. Светителот одговори: „И телото да ми го убиеш, над мојата душа немаш власт. Јас Го имам вистинскиот и жив Бог Исус Христос, Којшто и сега живее во мене и по мојата смрт ќе биде со мене и јас сум во Него и ќе останам во Него и нема да престанам да го исповедам Неговото Свето име дури е духот во моето тело“. Војводата нареди и најпрво го биеја Исидор со воловски жили, а потоа му го отсекоа јазикот. Но и без јазик Исидор со Духот Божји говореше и го исповедаше Христовото име. Војводата пак, го постигна Божја казна и одеднаш онеме. Нем најпосле даде знак да го убијат Исидор со меч. А Исидор ѝ се зарадува на пресудата и фалејќи Го Бога најпосле излезе на губилиштето, каде што му ја отсекоа главата, во 251 година. Неговиот другар Амониј го погреба неговото тело, но за ова и самиот пострада и прими венец на мачеништво.