Пролог: Преподобна Исидора Јуродива
 

 

Житие: Преподобна Исидора Јуродива

Календар, житија, пости
Почеток
 
Живееше во 4 век и беше монахиња во женскиот манастир во Тавенисиот. Се правеше луда за да ја скрие својата добродетел и својот подвиг. Ги работеше највалканите работи, се хранеше со помии од садовите, ги услужуваше сите и секого и беше презирана од сите и од секого. Во тоа време ангел Божји му ја откри на еден голем подвижник, Питирим, тајната за Исидора. Питирим дојде во женскиот манастир и кога ја виде до земја ѝ се поклони. Тогаш сестрите му кажаа на Питирим дека таа е луда. „Вие сте луди“, им одговори Питирим, „а оваа е поголема пред Господ и од мене и од вас. Јас само Го молам Бога да ми го даде мене она што нејзе ѝ е одредено на Страшниот Суд“. Тогаш сестрите се засрамија и ги молеа Питирим и Исидора за прошка. Оттогаш сите почнаа да ѝ укажуваат чест. А таа, за да ги избегне почестите од луѓето, побегна од манастирот и не се знае каде умре, околу 365 година.