Пролог: Светиот маченик Марко овчар
 

 

Житие: Светиот маченик Марко овчар

Календар, житија, пости
Почеток
 
Во времето на Диоклецијан некој Магн, антиохиски хегемон, појде со војниците во лов. Гонејќи некаква ѕверка војниците видоа дека ѕверката му прибегна кај овчарот Марко, којшто овде го чуваше своето стадо. И почна ѕверката да се умилкува околу Божјиот човек Марко. Кога го видоа тоа, триесеттемина војници поучени од Марко поверуваа во Христа. Хегемонот го врза овој човек, го одведе в град и ги повика тројцата браќа ковачи: Александар, Алфеј и Зосим, на кои им порача да направат мачителски справи за Марко. Но тие сите тројца позборуваа со Свети Марко и од него ја примија верата Христова, па му ја откажаа нарачката на хегемонот. Хегемонот ги осуди на смрт и нареди, па им ставаа во устата топено олово. А на Св. Марко потоа му беше отсечена главата и положена во храмот на Артемида, од што тој храм со Божја сила се сруши.

Тропар
Пастир на овци и ѕверови, верен на Христа до крај остана, а Он благодатно милувајќи те, преку тебе мноштво срца човекови скроти: војници вера во Бога утврдија, Александар, Алфеј и Зосим со волја цврста Господа Го следеа на Голгота, Никон, Неон и Илиодор кон Главата на сите се присоединија. Мноштво деца и девственички глас мачителен кон Небото подигнаа. По нивните свети молитви и ние повикуваме: Господи, почуј и помилуј.