Свето евангелие според светиот апостол Јован
 

 

Свето евангелие според светиот апостол Јован

Календар, житија, пости
Почеток
 

1:35-51

35. А на другиот ден, пак, стоеше Јован и двајца од неговите ученици.
36. И штом Го виде Исуса да врви, рече: „Еве Го Јагнето Божјо!”
37. Кога ги чуја од него тие зборови, обата ученика отидоа по Исуса.
38. А Исус, кога се сврти и виде дека одат по Него, им рече: „Што барате?” Тие Му одговорија: „Рави (што значи – Учителе) каде живееш?”
39. Им рече: „Дојдете и видете!” Тие отидоа и видоа каде живее; и останаа тој ден при Него. Беше околу десеттиот час.
40. А еден од двајцата, што беа чуле за Исуса и беа тргнале по Него, беше Андреј братот на Симона Петра.
41. Тој прв го најде брата си Симона и му рече: „Го најдовме Месија, кое значи: Христос!”
42. И го одведе при Исуса. А Исус, кога го погледа, му рече: „Ти си Симон, син Јонин; ти ќе се наречеш Кифа, што значи: Петар – камен.”
43. На другиот ден Исус намисли да отиде во Галилеја и го најде Филипа, па му рече: „Врви по Мене!”
44. И Филип беше од Витсаида, од градот на Андреја и Петра.
45. Филип го најде Натанаила и му рече: „Го најдовме Исуса, синот Јосифов од Назарет, за Кого пишуваше Мојсеј во Законот, и Пророците!”
46. А Натанаил му рече: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет?” Филип му одговори: „Дојди и види!”
47. Исус, пак, кога го виде Натанаила да иде при Него, рече: „Еве вистински Израилец, во кого нема лукавство.”
48. Натанаил Му рече: „Од каде ме познаваш?” Исус му одговори и рече: „Уште пред да те повика Филип, кога беше под смоквата, Јас те видов.”
49. Му одговори Натанаил и рече: „Рави! Ти си Син Божји, Ти си Царот Израилев!”
50. А Исус, одговарајќи, му кажа: „Веруваш, оти ти реков дека те видов под смоквата; ќе видиш повеќе од ова.”
51. И пак рече: „Вистина, вистина ви велам: отсега ќе го гледате небото отворено и ангелите Божји како се искачуваат и слегуваат над Синот Човечки.”