Послание на светиот апостол Павле до Евреите
 

 

Послание на светиот апостол Павле до Евреите

Календар, житија, пости
Почеток
 

12:1-10

1. Затоа и ние, имајќи толку многу сведоци, да отфрлиме од себеси секакво бреме и грев, што лесно нe окружува, и со трпеливост да побрзаме кон претстојната борба,
2. имајќи Го пред очи Началникот и Завршителот на верата – Исуса, Кој, поради Неговата идна радост претрпе крст, откако го презре срамот, и седна од десната страна на престолот Божји.
3. Помислете, пак, на Оној, Којод грешниците претрпе над Себеси таква поруга, та да не ви дотегне, и да не опаднете духом!
4. Во борбата против гревот уште не сте се противеле до крв,
5. и сте ја заборавиле утехата, која вам, како на синови, ви зборува: „Сине мој, не презирај ја казната од Господа и не опаѓај со духот, кога те изобличува,
6. зашто Господ го казнува оној, кого што го сака; го бичува секој син, кого што го прима”.
7. Ако трпите казна, Бог со вас постапува како со синови. Зашто кој е тој син, кого што таткото не го казнува?
8. Ако, пак останете без казна, во која сите станаа соучесници, тогаш сте деца незаконски, а не синови.
9. Ако се плашиме од нашите татковци, кога нe казнуваат, тогаш колку повеќе треба да Му се покориме на Отецот на духовите, па да бидеме живи?
10. Зашто тие нe казнуваа за малку денови, според тоа како им беше угодно; а Он – за полза, та да учествуваме во Неговата светост.