Второ послание на светиот апостол Павле до Коринтјаните
 

 

Второ послание на светиот апостол Павле до Коринтјаните

Календар, житија, пости
Почеток
 

11:21-32;12:1-9

21. За срам зборувам: како да сме биле немоќни? Но ако некој се осмели, во безумство велам, ќе се осмелам и јас.
22. Евреи ли се? И јас сум. Израилец ли е? И јас. Семе Авраамово ли се? И јас.
23. Служители Христови ли се? Во безумство зборувам, јас сум повеќе. Повеќе се трудев, повеќе рани поднесов, повеќепати бев затворан во темница, и многупати на умирање.
24. Од Јудејците примив петпати по четириесет без еден удар;
25. трипати сум удиран со стапови, еднаш каменуван, трипати претрпев бродолом, и ноќ и ден поминав во длабочина;
26. многупати сум патувал, сум бил во опасност од реки, во опасност од сонародници, во опасност од разбојници, во опасност од друговерци, во опасност по градови, во опасност по пустини, во опасност по море, во опасност меѓу лажни браќа;
27. во труд и мака, во често неспиење, во глад и жед, во многу постење, на студ и голотија.
28. Освен надворешните непријатности, тука се уште и секојдневните напади против мене, како и грижата за сите цркви.
29. Кој ослаби, и јас да не ослабам? Кој се соблазни, и јас да не се распалам?
30. Ако треба да се фалам, со слабоста своја ќе се пофалам.
31. Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој е благословен во веки, знае, дека не лажам.
32. Во Дамаск управителот на цар Арета, друговерец, го пазеше градот Дамаск со стража, сакајќи да ме фати; и јас во кош бев спуштен и преку прозорец низ ѕид избегав од рацете негови.
1. Да се фалам, немам полза, но ќе минам кон виденија и откровенија Господови.
2. Знам еден човек во Христа, кој пред четиринаесет години, со тело ли, не знам; без тело ли, не знам: Бог знае, беше грабнат и однесен до третото небо.
3. И знам дека тој човек, со тело ли, или без тело – не знам: Бог знае,
4. беше грабнат и однесен во рајот и дека чул неискажливи зборови, кои што човек не може да ги искаже.
5. Со таков човек ќе се пофалам; но со себеси нема да се пофалам, освен со моите слабости.
6. Ако, пак, посакам да се фалам, нема да бидам безумен, зашто ќе кажам вистина; но јас се воздржувам, да не би некој да помисли за мене повеќе, отколку што во мене гледа, или од мене слуша.
7. И, за да не превознесувам со премногу откровенија, во телото ми се даде трн, ангел сатанин, да ме боцка по лицето, та да не се превознесувам.
8. Затоа трипати Го молев Господа да го отстрани од мене.
9. Но Он ми рече: „Доста ти е Мојата благодат, бидејќи Мојата сила наполно се покажува во слабоста”. Затоа со многу поголема радост ќе се фалам со своите немоќи, за да се весели во мене силата Христова.