Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Казнете го Јован со слобода (03.08.2005)

 

Го прославивме Илинден. Со очекувани стереотипни говори, со песни и ора, со аплаузи и свирежи, без право на пристап во ’Св. Прохор Пчињски’ и со право на ЈАТ празнично да ги приземји авионите што му ги изнајмил на МАТ.

Сега нема потреба да се глуми зачуденост и изненадување. Српските власти јасно и гласно предупредија дека затворањето на нивниот епископ Јован ќе се одрази негативно врз односите помеѓу двете земји во најширока смисла на зборот. И си останаа на зборот.

Затоа што во српската практика државата не е одвоена од Црквата. Го тврдеа спротивното само кога Црвенковски и Бучковски, наивно на некоја вечеринка на Ада или на полувреме од кошаркарски натпревар во Белград, бараа од своите колеги помош во надминувањето на спорот меѓу СПЦ И МПЦ. Српските политичари, божем зачудени од барањето, се правдаа дека тие немаат ама баш никакво влијание врз СПЦ.

Случајот со Јован и
de jure го потврди она што го знаеја сите: дека патријархот Павле е доживотен и почесен министер во српската влада. Дека Српската Црква уште од времето на Милошевиќ таму има свој ресор и дека никогаш нема да доживее реконструкција, без оглед кои партии се на власт.

И покрај јасните сознанија за тоа, властите во Македонија никогаш не престанаа да влечат погрешни потези во однос на српскиот егзарх во земјава.

Не го осудија за класичен криминал кога ја ограби Велешката епархија, ами го осудија сега, и тоа за ширење верска и национална омраза.

Знаете ли каков комплимент е тоа за Јован? Тоа е исто како да осудите возач на раскантано фиќо дека возел 300 км на час. За да може еден духовен јаничар да шири верска омраза, прво треба да има публика што ќе го слуша. Ве прашувам, кој во Македонија го слуша или му верува на Јован? Колку верници тој собра околу себе? Ги видовме кога стигнаа пред Идризово. Тие се пајтон-црква. Сите ги собира во едно до две возила. Нивниот духовен идентитет е на нивото на аматерски патувачки циркус што распнува шатор на празни ливади по должината на пругата Белград - Ниш - Скопје - Битола.

Зар од тоа кутро друштво ќе ги браниме темелите на МПЦ и нејзината автокефалност?

За Јован затворот не е казна. За него тоа е награда, зашто му помага да гради мит на великомаченик. За него најголемата казна е да биде на слобода, зашто само таму се соочува со вистината дека нема ни Црква ни верници. Пуштете го на слобода, оти само така ќе се увери дека верниците на МПЦ го игнорираат и го презираат. Пуштетe го на слобода за да шири верска омраза меѓу четири ѕида во својата викендичка, оти тоа му прилега на еден викенд-надничар на СПЦ. Пуштете го на слобода за да види колку е неслободен. Пуштете го на слобода за да сфати дека е заробен само од својата заблуда. Јован на слобода е силен колку медуза на песок.

Пуштете го, за да види дека неговата српска мисија е вреднувана колку еден чартер на МАТ. Да беше во единство со Бога, Бог ќе му ја одредеше жртвата. Но тој е во единство со национал-шовинизмот на српската државна политика. Затоа сега цената му ја одредува ЈАТ и надлежниот српски министер. Во желба за „реципрочен“ одговор, Србија го одбрани Јован со летало на државната флота. Оти и таму го гледаат како летало. Го летаат по задача. Таквите, народот овде ги вика „учутми“. Рачно направен змеј врзан за јаже. Затоа, скинете го затворското јаже, пуштете ја учутмата да лета и да се приземји таму од каде што ја лансираа. Сѐ друго е Божја работа.

 

 Катерина Блажевска

 

Дневник, број 2825/ 03 август 2005 год.: http://www.dnevnik.com.mk/?pBroj=2825&stID=60109