Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Против патоказот кон ништавилото (15.06.2005)

 

Деновиве во дневниот печат забележавме еден та ист текст - сигурно на човек што мисли за себе дека има многу што да каже, а со тоа нешто и да смени, па сиротиот го испратил во вид на писмо до сите дневни весници, а очигледно не е жив член на Црквата. Тоа е уште еден човек што збори, критикува ’од надвор’. Уште еден човек што не ја живее Црквата, што не го чувствува Нејзиниот пулс. Да беше човек на Црквата, ќе знаеше дека Црквата е жив богочовечки организам кој не трпи насилни интервенции ’од надвор’ со цел да се извршат промени во Неа. Затоа што таквите неприродни интервенции никогаш немале ниту пак можат да вродат со успех. Честопати и оправданите критики во Црквата се проголтуваат во очекување на полнотата на времето.

Да беше жив член на Христовото Тело, ќе знаеше дека промените во Црквата можат да се случат само на начин богочовечки, односно ’од внатре’ и без нарушување на човековата слобода и идентитет: „Во ова историско и есхатолошко случување, односно во Воплотувањето Христово, е положена теолошката (христолошка) и антрополошката, односно еклисијалната основа на православната (исихастичка) духовност - во начинот што Богочовекот Христос ни го покажа со Своето Воплотување, но и со целиот Свој Домострој за нашето спасение. Тој сè направи ’од внатре’, притоа бескрајно многу страдајќи. Синот Божји го спасува човекот не преку издавање наредби, декрети и „томоси“ од небото и преку демонстрација на сила, како некој властодржец, судија или тиранин, туку напротив, Тој ни се објави Себеси преку љубовно поистоветување со нас. Ја посвои во Себе нашата падната природа (освен гревот) и ја направи Своја сопствена, исцелувајќи ја и обожувајќи ја“. Не ја наруши нашата слобода и не бараше промена на нашиот личен или национален идентитет, туку стана еден од нас и ни дарува обожение.

Тоа ’од внатре’ дејствување и ’од надвор’ е и суштината на спорот помеѓу духовните отци на Македонската Православна Црква и „духовните отци“ на Српскиот егзархат. Духовните отци на Македонската Православна Црква се борат, согласно нивниот внатрешен духовен раст и ерархиско напредување, како и од своите епископски позиции, кога ќе се исполни времето, да ѝ овозможат на целата Македонска Православна Црква (на целиот македонски православен народ и на сите православни христијани што живеат на територијата на Република Македонија и се наоѓаат под канонска јурисдикција на Македонската Православна Црква – возобновена Охридска Архиепископија) достојно (со свој статус и со свое име) да влезе во канонско и литургиско единство со Српската Православна Црква и со останатите помесни сестрински Православни Цркви. „Духовните отци“ на Српскиот егзархат да речеме дека ја имаат истата цел, но го промашија начинот, методот. Го отфрлија Христовиот богочовечки метод на решавање на проблемите ’од внатре’, односно патот на внатрешно духовно восовршување и согласно на тоа ерархиско напредување во клирот на Македонската Православна Црква во послушание на своите Епископи, што ќе им овозможеше услови за дејствување во рамките на црковниот и пастирски реализам ’од внатре’, и го одбраа патот на своите помисли. Тоа е „судбината“ на сите оние што се внатрешно сиромашни. Без умносрдечна молитва и духовна просветленост се самоповикаа да го решаваат клучното црковно прашање помеѓу Македонската Православна Црква и Српската Православна Црква. Го одбраа ’широкиот пат’ и самите себеси се внесоа во канонско и литургиско единство со Српската Православна Црква, без да бидат следени од својата паства, од народот кој им беше доверен.

Тоа е и разликата помеѓу дејствувањето ’од внатре’ без нарушување на слободата и насилното дејствување ’од надвор’; односо тоа е разликата помеѓу Духот Христов и духот на антихристот. Сепак, ние сме должни да го покажеме патот, а секој сам слободно ќе си го избере. Само што: Христовиот пат води кон живот вечен, а патот на антихристот...?

 

од редакцијата на web site-от

на Македонската Православна Црква