Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Од редовната седница на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква (31.05.2005)

С О О П Ш Т Е Н И Е

 

 

Светиот Aрхиерејски Синод на Македонската Православна Црква на својата редовна седница, одржана на 31 мај 2005 год., посвети должно внимание на соопштението од Архиерејскиот Собор на Српската Православна Црква и целосно ги отфрли одлуките, донесени на Соборот, во врска со издавањето “томос” на т.н. Охридска архиепископија, и другите одлуки и ставови што се однесуваат на Македонската Православна Црква и православниот народ во Република Македонија. Сите нивни одлуки немаат никакво правно дејство во Република Македонија и по однос на Македонската Православна Црква, бидејќи истите се противевангелски, противцрковни, противпастирски, противнародни, противдржавни и противни на духот на Светото Православие. Српската Православна Црква нема, ниту канонско ниту уставно, право да донесува какви и да било одлуки за Македонската Православна Црква, уште од 1959 год., кога се изјаснила дека уставот на Српската Православна Црква не важи за епархиите и Архиереите во Република Македонија. 

Токму заради тоа, Светиот Архиерејски Синод го повикува македонскиот православен народ и сите добронамерни луѓе и пријатели на Македонската Православна Црква, во Татковинава и дијаспората, да не се вознемируваат од овие ништожни одлуки и да имаат доверба во Синодот и во клирот на Македонската Православна Црква, дека нема да отстапиме од името и од автокефалниот статус на Македонската Православна Црква.

Светиот Архиерејски Синод, истовремено, искажува најискрена благодарност за поддршката добиена од: Претседателот на Република Македонија, Претседателот на Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, МАНУ, политичките партии и другите културно-просветни и научни институции и организации, со особена благодарност до медиумите, а најмногу до православните верници во Република Македонија и во дијаспората.

Синодот, исто така, изразува благодарност и за поддршката од страна на српскиот православен народ, видни личности и медиуми во Србија и Црна Гора.

         Обидот, пак, за посегнување по црковниот имот е обид за агресија врз територијата на Република Македонија и македонското културно-историско наследство, кое е наше неотуѓиво право.

         Светиот Архиерејски Синод ќе ги запознае и останатите помесни Православни Цркви со злонамерните акти донесени од Соборот на Српската Православна Црква по однос на Македонската Православна Црква и се надева дека тие нема да бидат поддржани од останатите Цркви.

         Во најскоро време Поглаварот на Македонската Православна Црква, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан ќе ѝ се обрати на јавноста.

         Светиот Архиерејски Синод ги утврди термините за наречение и хиротонија на новоизбраните викарни Архиереи во Македонската Православна Црква, кои ќе се извршат: за Неговото Високопреподобие архимандритот г. Методиј на 20 и 21 јуни 2005 год., во Архиепископскиот соборен храм на Свети Климент Охридски во Скопје; за Неговото Високопреподобие архимандритот г. Климент на 11 и 12 јули 2005 год., во соборниот храм на Светиот великомаченик Димитриј во Битола; и за Неговото Високопреподобие архимандритот г. Пимен на 01 и 02 октомври 2005 год., во Светиклиментовиот манастир на Плаошник и во црквата Света Софија во Охрид.   

 

ОД КАНЦЕЛАРИЈАТА НА САС НА МПЦ