Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Демант (23.12.2022 14:12)

Во повеќе наврати, при своите гостувања во медиумите, г. Оливер Андонов изнесува разни информации за текот на преговорите меѓу Српската и Македонската Православна Црква во однос на нашето црковно прашање, потенцирајќи ја својата наводна улога во целиот процес. Сакаме во целост да ги демантираме овие наводи за неговата целосна вклученост во процесот, сметајќи ја за пренагласена и непостоечка решавачката улога што самиот ја истакнува за себе. Целиот процес, и со Вселенската Патријаршија и со Српската Православна Црква, беше воден  од претставници на нашата Света Црква. МПЦ-ОА повеќе од 70 години го води дијалогот со сестринските Православни Цркви за нејзиниот статус, неотстапувајќи од ставот за автокефалност и за легитимност врз правото за наследност на Охридската Архиепископија, како Црква на македонскиот и на сите народи кои живеат на овие простори. Затоа го сметаме за непотребно земањето право на г. Андонов да дели „совети“, да повикува на „храброст“ и да констатира „немање храброст“ и учество во „двојни игри“ на епископите и на свештенослужителите за она што е нивно сигурно убедување и своевиден завет. Се согласуваме единствено со неговата констатација, изнесена од позиција на лаик, дека „во Македонија постои навика постојано да се потпираме на лаици, на луѓе кои си земаат за право да коментираат нешто за што немаат никакви познавања, со што омаловажуваат, осудуваат луѓе или пласираат погрешни информации“. 

Ги чувствуваме за особено опасни, со голема доза на тенденциозност, но и како суптилно повикување на омраза, со можност за несакани последици, изјавите со кои споменатото лице, при своето неодамнешно гостување на онлајн емисијата „Тешки муабети“ на порталот „Инфомакс“, повикува на некакво „конечно заведување ред и поредок во Бигорскиот манастир“. Манастирите се најдобрите и најголемите репрезенти на МПЦ пред сеправославната полнота, нивниот подвиг и придонес во градењето на духовната Црква во Македонија е очигледен и видлив, а нивниот придонес во процесот на решавање на нашето црковно прашање беше и е од особено значење.    

Воедно ги демантираме и посочуваме како невистинити и информациите кои г. Андонов ги тврди за поранешниот шеф на Кабинетот на Архиепископот, информирајќи ја јавноста дека неговото заминување од позицијата Шеф на Кабинетот беше на негово барање, поради лични предизвици и дека истиот до крајот на своето задолжение доследно и најпрофесионално ги извршуваше своите обврски, останувајќи на располагање со својата компетентност и во иднина, по наоѓање на Архиепископот. 

 

 

            ОД КАБИНЕТОТ НА АРХИЕПИСКОПОТ