Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Сочувство по повод упокојувањето на Преосветениот епископ Шабачки, Лаврентиј (24.01.2022 17:23)

Ваша Светост,

Особено Нѐ оскрби жалната вест за упокојувањето на Преосветениот епископ Шабачки, Лаврентиј. Затоа, дозволете ми во Наше име, во името на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, на свештенството, монаштвото и на сите верни чеда, да изразиме искрено сочувство и братско сострадание во болката на сестринската Српска православна црква, на Шабачката епархија и на сите коишто го почитуваа Епископот Лаврентиј.

Неговата богољубива личност и неговото црквољубиво и родољубиво дело, неговата „безусловна оддаденост на Црквата, на нејзиното устројство, на поредокот и на единството“, како што нагласи Вашата Светост, го покажа овој јерарх Христов како пастир добар, посветен богослужител, богољубив, човекољубив и смирен монах, грижлив отец за доверената паства...

Господ Исус Христос, Кој е воскресение и живот, нека ја упокои душата на новопретставениот Епископ Лаврентиј во место добро, место блажено, место мирно, таму каде што се упокојуваат праведниците – во населбите на Авраама, меѓу хоровите на светителите...

Бог да го прости и нека му дарува Царство Небесно!

 

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И MАКЕДОНСКИ
г.г. Стефан

 

 

До 

Неговата Светост,

Архиепископот Пеќски,

Митрополит Белградско-карчовачки

и Патријарх Српски

г. г. Порфириј