Vesti i nastani
 
 
 
 
 

На Крстот Твој се поклонуваме, Христе (21.03.2020 19:41)

Деца, разните страдања, при градењето на личносниот однос со Бог, нема да нѐ одминат; ако не поради недоволниот подвиг, тогаш секако поради нашата грешност и суета. Бог најубаво, наместо нас, со љубов го промислува процесот на нашето очистување. Затоа, главниот фокус не треба да ни биде на страдањето како такво, туку на нашиот личносен однос со Богочовекот Христос.

Од Бог допуштеното, душевно или телесно, страдање е реално, но сепак паѓа во втор план, бидејќи преку прифаќањето и благодарењето за истото, тоа станува основа на возобновениот и надграден личен однос со нашиот Господ Исус, Кој е нашата единствена вистинска радост.

И самото страдање заради Христос, исто така, станува радосна тага, а не само тага, мака и бол.

Но, ако нашето внимание (фокус) се задржи, главно, на страдањето и не Го препознаеме Бог преку истото, тоа значи дека сме самољубиви, а нашиот духовен живот е сигурно некаква импровизација.

Да не се плашиме од страдањето заради Христос, туку да му се радуваме; тоа нѐ води во Воскресение.

(дел од беседата на Митрополитот Струмички Наум)