Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Архиерејска Божествена Литургија во Госивар (12.02.2019 19:33)

На 12 февруари 2019 година, кога Црквата ги слави светите Три ерарси, Неговото Високопреосвештенство Митрополитотот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение на викарниот Епископ Полјански г. Јаков, отслужи Света Златоустова Литургија во соборниот храм „Пресвета Богородица“ во Гостивар. На Литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

 

                              

 

 

Пред Бога сите сме еднакви

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух! 

Ние сме едно во Бога..., и ништо нема во нас противречно...

ниту има меѓу нас прв, ниту втор...

 

Драги браќа и сестри,

Денес на големиот христијански празник посветен на трите столба на Православието: светите Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст, ние, во Гостивар, и оваа година, традиционално, повторно си имаме мил гостин. Овој град е познат по гостољубието, па и најверојатно, според едно предание, самото име на градот доаѓа од зборот „гости има“, бидејќи Гостивар во минатото имал многу гостилници. Ете, денес, во храмот на Пречистата Владичица наша Богородица, на овој голем празничен ден, наш гостин е епископот Полјански г. Јаков, една прекрасна духовно зрела личност, кој во моментот е викарен епископ во Струмичката епархија. Дојдовме тука, во овој храм, заеднички, отслужувајќи Божествена Литургија да го прославиме празникот, посветен на светите Три светители, на трите божествени и боговдахновени богослови на Христовата Црква, кои со својот свет живот и со своите прекрасни дела, останале до ден-денес во меморијата на Црквата како „три најголеми светители на трисолнечното Божество“, како што пееме и во тропарот на денешниот нивен заеднички празник, кој е востановен за празнување дури во 11 век.

Имено, секој од овие три архиереи: свети Василиј Велики, свети Григориј Богослов и свети Јован Златоуст имаат секој свој посебен ден на празнување, но ете поради нивната големина пред Бога и пред луѓето, со текот на времето помеѓу верниците се појавил спор кој од овие светии е најголем. Така, се појавил раздор меѓу православните, при што едни се нарекувале себеси јованити, други василијани, а трети григоријани. Но, тие несогласувања, по Божја промисла, биле надминати, откако сите три светители најпрвин одделно, а потоа и заедно му се јавиле на светиот Јован, кој во тоа време бил епископ Евхаитски. Во видението, светителите заедно започнале да му зборуваат: „Како што гледаш, ние сме еднакви пред Бога. Помеѓу нас нема никаква поделеност, ниту пак спротивставеност еден кон друг... Помеѓу нас нема ниту прв, ниту втор. Затоа, нареди им на оние што спорат за нас да престанат со споровите, оти ние се грижиме сите краеви на вселената да ги доведеме во мир и едномислие. Исто така, сооедини го нашето празнување во еден ден, и состави ни празнична служба, и на други пренеси им дека нашето достоинство е исто. А, ние ќе им бидеме помошници на оние кои го прославуваат нашиот спомен“. Така, по Божја промисла, овој спор со востанувањето на денешниот празник бил решен во корист на Светата Црква.

Оттогаш, па до денес, веќе 10 векови во континуитет го прославуваме овој празник. Изминатите денови, долго размислував што да запишам и која поука да Ви ја пренесам како Ваш епископ. Знаејќи ја силата на кажаниот, но и на запишаниот збор за верниот народ, честопати ги запишувам моите беседи, она што сакам во моментов да Ви го пренесам, сакајќи моето слово да остане како сведоштво за идните генерации, но да стигне и до оние што денес не се тука меѓу нас, кои од најразлични причини не можеле да присуствуваат на ова благодарствено богослужение.

Денес, благодарение на неуморниот труд на нашите славеници и проповедници на божествените догмати, благодарение на нивната оставина, ги имаме нивните дела како богатство и извор на знаење. Тие, иако напишани пред толку години, сепак се секогаш современи и секогаш ја имаат моќта нас паднатите да нè просветлат и облагородат, да ни покажат дека другиот, дека ближниот, дека братот наш е нашиот живот... дека единствено кога љубиме, кога имаме љубов – вистински живееме, дека раздорите и поделбите не се мили на Бога, туку единството е она кое е угодно на Милостивиот Бог – Отецот, Синот и Светиот Дух. И, јас ништо друго нема да ви пренесам, освен тоа што ни го оставија во наследство нашите денешни светители.

Возљубени,

Од црковната историја сме сведоци дека многупати се појавиле раздори и несогласувања во Црквата, но никогаш Бог нè дозволувал тоа неразумие да надвладее. Уште во апостолско време, Посланието сведочи дека се појавиле поделби кај народот на петрови, на аполосови и на павлови, но и денес, не секогаш сме имуни на тие поделби во Црквата. Апостолот Павле ги поучувал верниците да не се делат на разни религиски групи, туку да бидат во единство. И денешниот празник нè поучува на истото. Секогаш кога ќе се јави поделба меѓу нас – не треба да забораваме дека Христос е нашиот Бог и дека пред Него сите сме исти, без разлика на нашата дејност или професија, без разлика на нашата политичка определба, на социјалниот статус, без разлика на нашите духовници, сето тоа е неважно и не треба да придонесува за поделби, туку треба да води кон единство на сите кон Бога, пред кого „последните ќе бидат први, а првите последни“ (Матеј 20, 16).

Затоа, никогаш да не дозволуваме да се делиме меѓу себе, бидејќи Христос е наш заеднички Бог, и Тој сите вистински нè обединува во лоното на Црквата. Затоа, и денес во овој храм, најмалку важно е кој од каде е и што е, најважно е дека ние сме христијани, дека имаме единство меѓу себе, дека сме браќа и сестри во Христа, дека сме единосушни во верата. И секое и најмало несогласување треба во духот на нашата вера да го решаваме мирно, со љубов и со покајание. Само на тој начин вистински ќе покажеме дека во нас ја носиме верата апостолска и верата на нашите Три познати светители, чиј спомен денес го празнуваме. Нив, денес, сите заедно да ги молиме да Го молат Бога да го зачува единството на православните народи во светот и единството меѓу сите нас во нашата Црква.

Нека е за многу години и напомош денешниот празник!

Голема благодарност до Епископот Јаков што денес е со нас и што со своето присуство го збогати овој празничен собор, а исто така, голема благодарност и до Вас секогаш гостољубиво расположени Гостиварчани.

 

Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф

 

Извор: Тетовско-гостиварска епархија