Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Недела на свети Григориј Палама: Сеноќно бдение во црквата на свети Григориј Палама во Струмица (03.04.2016 16:56)

Во Неделата на свети Григориј Палама – заштитникот на Струмичката епархија, Митрополитот Европски г. Пимен во сослужение со Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф и Митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф отслужи сеноќно бдение со Божествена Литургија во црквата на свети Григориј Палама и свети Димитриј Мироточив во Струмица. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.

Свети Григориј Палама, спаси нѐ!

Еднаш реков дека послушанието е најчудесната тајна на нашиот слободен личносен однос со Бог. Само во оваа тајна човекот расте како слободна личност до бескрајните димензии на боговподобувањето. И само во оваа тајна Бог му станува послушен на човекот. Зарем тоа не го гледаме во животот на Пресвета Богородица? Послушанието е Нејзината најинтимна љубовна тајна, но она што сепак е очигледно за сите е фактот дека одеднаш Бог почнува Неа да ја прашува за дозвола дали да прави или да не прави нешто – почнува Неа да ја слуша.

Некаде во своите дела светиот Старец Јосиф Спилеот вели: „Ако не ја достигнеш благодатта Божја во најголема мера, не сметај се себеси за потполн човек“. Си велам, само потполн човек каков што е свети Григориј Палама, кој ја живее и возглавува Тајната на Црквата, може да ги изрече од опит следниве зборови за Богородица и Секогашдева Марија, кои се вистинско славословие:

„Таа Самата ја образува границата меѓу создаденото и несоздаденото, и никој не може да дојде до Бог освен преку Неа и Посредникот роден од Неа, и ниеден од даровите Божји не може да биде даруван ниту на ангел ниту на човек освен преку Неа. [Во светлината на послушанието што Бог го покажува кон Неа, ова е само една од причините зошто велиме „Пресвета Богородице, спаси нѐ!“]

Бог е среде неа; таа нема да се помести (Пс. 46, 5).

Вечен закон на небото е дека помалото ќе учествува преку повеликото во она што е над суштествувањето. Така, како што Мајката Дева е неспоредливо повелика од сѐ така и многумина што ќе учествуваат во Бог, тоа ќе го направат преку Неа, и како што многумина ќе Го познаат Бог, ќе Ја препознаат Неа како Онаа што Го носеше Несместливиот, и како што многумина ќе Го слават Бог, и Нејзе ќе Ја воспеваат после Него. [Да не речам заедно со Него].

Таа е причината на сѐ што ѝ претходеше, заштитничка на сѐ што стана потоа и причината за вечни блаженства... Таа е почетокот, изворот и коренот на неискажливото добро, врвот и исполнувањето на сѐ свето...“

Но, како што рековме, ова се зборови на потполн човек кој ја живее и возглавува Тајната на Црквата. Како што би рекол нашиот преподобен ава Јустин, толкувајќи го свети Апостол Павле (парафразирам): во Црквата на Светиот Дух, како Тело на Богочовекот Христос, секој молитвено и благодатно се спасува и се восовршува преку сите и со сите, и сите се спасуваат и се восовршуваат преку секого и со секого. Затоа што секој, по благодатта на Светиот Дух, живее во сите и сите живеат во секого.

Освен ова благодатно проникнување, проземање, друг начин на постоење и спасение за нас христијаните е невозможен, и незамислив. Ние не сме етичко тело, ние сме Тело Христово – еден со друг благодатно-органски поврзани и еден на друг органи. Спасението е тајна на учество во Телото Христово токму на овој начин. Ние, православните христијани, сме Христос продолжен низ сите векови, затоа што Христос го живее нашиот живот и затоа што ние го живееме Неговиот живот. Христос ја возглавува Својата Црква, но и секој еден од нас ја возглавува целата Црква. Токму во ова свето возглавување се содржи тајната на личноста.

Ова го потврдува свети Апостол Павле и кога вели: јас не живеам, туку Христос живее во мене; ние Христов ум имаме (види: Гал. 2, 20; 1. Кор. 2, 16) . Затоа слободно можеме да се помолиме и: „Свети Апостол Павле, спаси нѐ!“ или на кој било светител: „Спаси нѐ!“ Но, денес е ден посветен на свети Григориј Палама, па сите заедно да повикаме: „Свети Григориј Палама, спаси нѐ!“

Митрополит Струмички Наум