Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Богојавление во Мијачкиот крај (19.01.2005)

„Кога во Јордан се крштеваше, Господи, се потврди поклонувањето на Света Троица: гласот на Отецот сведочеше за Тебе и Те нарече Свој возљубен Син; и Духот, во вид на гулаб, ја потврди вистината на Тоа сведоштво. Се јави, Христе Боже, и го просвети светот, слава Ти.“

 

               

 

Утринава продолжија Богојавленските празнувања во Мијачкиот крај. После празничната Утрена и Божествената Златоустова Литургија во црквата на Успението на Пресвета Богородица во селото Ростуше, каде што свештеноначалствуваше архимандритот Партениј и на која учество зедоа браќата и сестрите од неговите Манастири, присутните верници во литија тргнаа кон избраното место за осветување на водата и потопување на Крстот Господов.

За верниците од селото Ростуше тоа беше мостот на реката Радика, оддалечен неколку километри од црквата на Успението.

 

                   

 

Треба да се напомене дека жените од овој крај на денешниот ден во црквата принесуваат т.н. „кумства”, еден вид специјално измесени кори. Доаѓаат во традиционалните носии на старите Мијаци, на особен начин стилизирани и украсени тие се прочуени како најубави во Македонија. Кога доаѓаат и на заминување пеат стари песни во кои се проси благослов од Св. Јован, особено за членовите на семејствата што се кумови на денешниот празник. Слични молитви кон Св. Јован и прозби за благослов на кумовите, жените пеат и кога влегуваат во домовите на кумовите.

 

                        

 

 

Традиционално се кажуваат ектении и насред село, на местото каде што се наоѓала старата црква посветена на Успение, а која извесни Македонци-муслимани за време на Втората светска војна ја урнале. После молитвословот на Големиот Богојавленски Водосвет, игуменот Партениј го потопи Крстот Господов во водите на прекрасната Радика. Од пливачите што тргнаа да го дофатат во студените води на Радика прв го достигна Јордан Симоноски. Еден од поуспешните бизнисмени во сферата на дигиталната опрема, г-динот Хари Локвенец од Прилеп, на момчето му подари телевизор.

Литијата повторно се упати кон црквата, каде што од босилекот со кој до денес кумовите со благослов на Епископот распрснуваа богојавленска вода низ своите села за осветување, на присутните верни о. Партениј им подели гранчиња како благослов. Крстовите од богојавленското осветување на селата кумовите ги чуваат во своите домови до следното Богојавление.

 

                

 

 

 Многубројните верни најпосле се упатија во домовите на кумовите, продолжувајќи со денешното радосно празнување.

 

Утре, на славата на Соборот на Св. Јован Крстител, по Божествената Литургија во манастирот Бигорски, трпеза за селаните ќе дадат „старите“ кумови.

 

Во селото Битуше Божествена Литургија отслужи свештеномонахот Макариј, од отците во Бигорскиот манастир. По ова во Битуше Светото Богојавление го славеа на сличен начин како Ростушани, а крстот беше потопен во водите на Битушка река.