Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Демант (12.09.2014 08:37)

 

            Во текот на денешниот ден, 11. 09. 2014 лето Господово, во неколку медиуми во македонскиот јавен простор, произлегоа прилози, преземени или инспирирани од истражувањето на г. Александар Писарев објавено во порталот „Призма“.

            Навистина, пред извесно време, два месеци, во својство на свештеник, асистент на Богословскиот факултет и шеф на Кабинетот на Поглаварот на МПЦ имав средба со лице кое ми посочи дека прави истражување за проект, не се сеќавам на целта и името на проектот, за верскиот живот и соживот во Македонија, при што не ми беше кажано  дека истото ќе се објавува некаде и за некоја цел, секако не по неколку месеци од разговорот, за што, исто така, и не беше побарана своевидна авторизација.

            При тоа беа поставени најразлични прашања, меѓу кои и тоа што станало интерес на посочениот истражувач за да напише свој текст, каде што целиот наш разговор го става во својот потребен контекст. Мојата изјава беше дека ниту една верска заедница не смее и не треба своите религиски симболи и објекти да ги користи во политички, национален, историски, културен или пропагандистички контекст. Минатото и секојдневието говори дека навистина имало такви интенции и дека денес ги има, но дека тоа не треба да биде така. Конкретно, градењето на верски објекти и симболи во нас. Аеродром претставува потреба на месното население, кое во поголем процент е православно и кое до неодамна немаше храмови каде да ги извршува своите верски потреби. Во овој контекст можеби кај некого постои и таква намера и денес, што неофицијално кружи во јавноста и се препознава преку одредени чекори на поединци или групи, односно верските објекти да бидат користени за обележување на територија, но Православната црква никогаш нема и не смее да има таква намера. Верските објекти треба да бидат од потреба и за чисто верска намена. Ако некој бележеше територија, во овој случај православниот народ во Македонија, и МПЦ го поттикнуваше тоа, зошто тогаш сѐ уште опстојуваат, па дури и се реставрираат, се трошат буџетски и народни пари, за верски објекти на другите религии?

            Значи, согласно ова, сметам дека целиот разговор со г. Писарев, кој беше воден на неколку теми, е сублимирана мојата изјава, која воопшто нема таков контекст, каков што ѝ е даден. Како православен свештеник, воспитан во евенгелските принципи, не сметам дека верските објекти треба да претставуваат маркери и одбранбени механизми од нечија наезда. Ако друг така смета и така, тоа е негово право и истото би требало да го објасни.

Времето што го одвоивме за г. Писарев, пристапот со кој одговоривме на неговата потреба, сметаме дека со ова се злоупотребени, а се надеваме и дека намената на сето ова не е задкулисна. Пишувањето и објавувањето на вакво нешто го сметам за неодговорно, зашто се води од потребата за актуелност, но не умее да ги препознае далекусежните последици. МПЦ и ИВЗ, како и другите верски заедници во Македонија имаат одлична соработка, во која многупати и лично сум учествувал.     

 

            Со почит,

 

Отец Бобан Митевски