Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Осветување и поставување на камен - темелник на нова црква во населбата Бутел (12.10.2013 13:47)

На 12. 10. 2013 година на празникот на преп. Киријак Отшелник, св. Теофан Милостив, Неговото блаженство Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан во сослужение на новоизбраниот Митрополит Тетовско - гостиварски г. Јосиф, новоизбраниот Митрополит Кумановско - осоговски г. Јосиф и на свештеници од скопското архиерејско намесништо, изврши осветување и поставување на камен – темелник за изградба на нова црква посветена на св. Јован Крстител во населбата Бутел чиј што ктитор е г. Мите Јовановски, сопственик на бензиските пумпи МАКОИЛ.

Слово изговорено на осветувањето и поставувањето на камен-темелникот за новиот храм „Свети Јован Крстител“ во Бутел – Скопје, на 12.10.2013 г.

 

ДЕН ЗА РАДОСТ И ИСТОРИЈА

Еве, со Божји благослов и по молитвите на свети Јован Претечата и Крстител Господен, осветивме и поставивме камен темелник за православен храм во населбата Бутел. Откако го извршивме чинот ќе истакнам дека се исплатеше упорноста, се исплатеше трпението со кои настојувавме и очекувавме, за еве, конечно, да дочекаме да се отстранат сите пречки, да се исполнат сите услови, да се задоволат административните и сите други потребности кои со години го одлагаа почетокот на градбата на толку посакуваниот и потребен храм, и од ктиторот и од православните верници од оваа населба и од овој крај. И се покажа дека, ако е Божја волја – безуспешни ќе бидат сите противења и сите други пречки и побуди, поставувани и присутни кај најразлични страни и интереси. Ова го говорам за да потсетам дека ова место одамна беше предвидено за храм, но дури годинава се исполни времето, па еве денес осветивме и поставивме камен – темелник.

Затоа, овај ден, е ден за радост за православните христијани од оваа и за идните генерации, како и за оние кои починаа очекувајќи да се изгради храм во оваа населба. Овој ден е ден и за историја, зашто започнуваме дело што ќе ја продолжи вековната градителска традиција на нашиве простори. Денес започнуваме да градиме објект што ќе биде украс на овој дел од Скопје, започнуваме градба што ќе биде дом за сите богољубиви души и срца, започнуваме да градиме дом Божји – храм во чест и спомен на Претечата и Крстителот Господен.

А патронот свети Јован е исклучителна личност во спасоносното дело за човечкиот род. Тој е најголемиот роден од жена, тој е човекот кој се удостоил да Го крсти Господа Христа во водите на Јордан, и тој е човекот кој прв Го препознал Христа дека е Тој Спасителот на светот. Свети Јован бил човек со незамолчлива уста во одбрана на моралните вредности и поборник на постојаното покајание и подобрување на луѓето. Со својот подвиг и жртва постанал и останал идеал за сите генерации подвижници и богоугодници, и пример за богољубие и правдољубие. Неговите поуки и пораки и по дваесет векови се актуелни и потребни. Ете, во чест и спомен на таква личност и на таков светител, започнуваме да градиме храм.

А, всушност, секое градење на храм во Македонија е надградување, зашто и длабоки и древни се темелите на Црквата Христова по македонската земја. Во сите изминати 20 столетија постојано градиме како народ, градиме за Бога и Неговите светии. За тоа ни сведочат и Скупи, и Стоби, и Баргала, и Хераклеа, ни сведочат Плаошник, Свети Наум и Света Софија во Охрид, и манастирите во Вељуса, Курбиново, Горно Нерези, ни сведочат Света Богородица Перивлепта, Лесновскиот, Свети Никита, Марковиот и Андреевиот манастир, ни сведочат градбите изградени во времето на ропставата и туѓите владеење, градбите во преродбенскиот период, како и оние во втората половина на минатиот век и најново изградените и оние што сѐ уште се градат: и во Центар и во населбата Јане Сандански во Скопје, како и во Велес, Кавадарци, Прилеп, Битола, Струмица, Штип, Кочани, Куманово и другите места ни сведочат дека се гради Црквата во Македонија со постојано градење и надградување. Гради нашиот православен народ, зашто длабоко во себе ја носи Црквата Христова, Го носи Бога.

Возљубени, секогаш, и во најтешките времиња и во најголемите немаштии, нашиот народ имал за Бога и за Него го давал најдоброто и најубавото што го имал, го давал зашто знаел дека давајќи и градејќи за Севишниот, дека и се вградува себеси во вечноста и во вечното единство со Бога. Но, и покрај сето свое богољубие и црквољубие, и покрај големото духовно и културно творештво и покрај сите цивилизациски вредности што ги создал, и покрај вековното постоење на организирана помесна Црква, како Црква Охридска и Македонска, по примерот на другите православни народи, како Црква од која се родија и израснаа покрај неа и некои од соседните помесни православни Цркви, ете, на таа наша Света Павлова и Климентова Црква, сѐ уште ѝ се оспорува и она што од Бога ѝ е дадено и она што на Бога сме Му Го дале и Му Го даваме.

Време е како православни народи да престанеме меѓусебно да се уништуваме и непризнаваме, да престанеме со омаловажувањата и навредите на едни кон други, какви што деновиве слушнавме кон нашата Света Црква, упатени од Ниш, во паушалниот и тенденциозен превод на говорот на Неговата Сесветост Вселенскиот Патријарх г. Вартоломеј, од преведувачот кому тоа, за жал, и не му е прв пат. И време е некои во Православието да се потсетат дека припаѓањето кон Христа се покажува, пред сѐ, со имање и покажување љубов кон другите, а не со навреди и омраза, или со создавање паралелна црква со платеници и криминалци. Време е да престанат со тоа дека, божем, во име на светите канони, можат безкрајно да практикуваат монопол и екслузивитет врз Православието. – Правете им добро на сите, а најмногу на своите по вера, ги советува Галатјаните св. апостол Павле. Но очигледно забораваат дека и нашиот пат на возобновување на Црквата во Македонија не се разликува од оној по кој и тие и многу други ги создадоа или возобновија своите Цркви. Но, голем е Господ и во Него е сета наша надеж! А наше е да го чуваме Православието, да ја чуваме Црквата, да градиме нови и да ги обновуваме старите храмови и манастири, а другото да го оставиме на Бога и на Неговите светии...

Да продолжиме да бидеме народ кој во душата ќе го носи храмот Божји и Црквата Охридска и Македонска - Црквата Божја и Христова, да бидеме народ богољубив и човекољубив, народ кој на злото ќе одговаро со добро, на омразата со љубов. А храмот е најголемата училница за добродетели! Во него се сретнуваме и соединуваме преку светата Причест со Бога, во него радоста станува поголема, а тагата помала; тука најдобро можеме да се поправаме и преобразуваме во доброто, да се утешуваме и успокојуваме, да се учиме на побожност и моралност, на љубов и добра волја...

Возљубени, по Божја милост и по молитвите на свети Јован, еве, избрана е прекрасна локација за идниот храм, изработен е велелепен проект, кој, веруваме, и брзо и квалитетно ќе биде реализиран. Но, како што неодамна во Подгорица, Неговата Светост Патријархот Руски г. Кирил рече, дека ни најубавата архитектура, ни најубавите фрески и икони не ја прават убавината на храмот, туку најголемата убавина на храмот ја прави народот. Само храм, украсен и исполнет со народ е убав храм. Па затоа, од денес па натаму, да бидеме со храмот, да го градиме и овде но и во себе, и да сме православни христијани не само по името туку по делата свои!

А на господинот Мите, вашиот сосед и познат стопанственик, Господ Бог, по молитвите на светите Јован и свети Димитрија и сите светии, да му даде здравје и да го помага во работата, да му даде сили да може да се посвети и на секојдневните обврски што ги има, како и на градбата на овој храм.

Нека ни е честит и благословен почетокот на градбата и, дај Боже, поскоро да се радуваме на неговото осветување!

Архиепископ Охридски и Македонски  г.г. Стефан

 

Извор: Скопска епархија