Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Архиерејска Божествена Литургија во Крива Паланка на Тодорова сабота (24.03.2013 15:18)

Денес, во соборниот храм на свети великомаченик Димитриј во Крива Паланка, на покана од надлежниот епархиски архиереј, Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, а по повод првата сабота од Великиот пост (Тодорова сабота), Епископот Лешочки г. д-р Јосиф во сослужение со Кривопаланечкото архиерејско намесништво, благоволи да богослужи Божествена Архиерејска Литургија. По Литургијата Епископот се обрати кон мноштвото верници за кои храмот беше премал да ги собере.

 

„Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.

Возљубени во Господа! Денес во саботата од првата седмица на Великиот пост го празнуваме споменот на светиот маченик Теодор Тирон. Мачениците се радуваат во Бога и за нив Христос претставува крајна желба и претставува радост на сето нивно битие. Токму затоа тие ја прифаќаат борбата против гревот и се откажуваат дури и од сопствениот живот, затоа што сакаат да учествуваат во конечната победа над смртта и стравот да биде победен од радоста на единството со Бога. Во текот на Великиот пост ние постојано им се обраќаме на мачениците и го прославуваме нивниот спомен, бидејќи тие го ставиле Христа пред сѐ друго во животот. Тие се сведоци на Царството Божјо кое што го вкусиле уште овде на земјата, и покажале спремност бескрајно да му го предадат животот на Бога, за Царството Божјо да биде нивно постојано живеалиште. Како наши сопатници тие претставуваат наша инспирација во постот и борбата со властите и началствата од овој свет. Денес кога си спомнуваме за свети Теодор, си спомнуваме за чудото со коливото, кога Бог не дозволил христијаните да бидат осквернети со храната која била испрскана со крв од идолски жртви. Светата Црква востановила денес да си спомнеме за ова чудо, за да нѐ потсети дека подвигот на постот воопшто не е тежок, кога на постот му пристапуваме со молитва кон Бога. И најблагиот пост без молитва претставува тежок подвиг, а најстрогиот пост со молитва упатена кон Бога ни ги исполнува срцата со радост и не претставува тешкотија за телото и духот.

Драги браќа и сестри, свети Теодор Тирон во видение му се јавил на Епископот Евдоксиј па го известил за намерата на императорот отстапник, да ги оскверни христијаните. Споменот за чудото на свети Теодор претставува наша поткрепа во следните седмици од постот. Поткрепа и укажување дека човекот живее не само од земен леб, туку најважен за човекот е небесниот леб, храната од која никогаш нема да огладни. Таа храна нам христијаните ни се нуди денес во Светата Евхаристија. Ако го следиме учењето на Светата Црква, ако сме христијани не само по име туку и по дела, ќе знаеме дека сите кои се подготвуваме денес да пристапиме кон светиот путир, постот треба да го продолжиме сѐ до денот кога го славиме Воскресението Христово. Само ако така му пристапиме на постот, тој за нас ќе претставува радост, затоа што ќе претставува наша подготовка за Воскресението, празникот кој што претставува центар на христијанската вера. Центар бидејќи со Воскресението смртта нема повеќе власт над нас, со Воскресението е победен адот и човекот повторно го обнови нарушеното единство со Бога. Сите оние кои не постеле во првата недела од постот не е доцна да почнат да постат, за достојно како што им прилега на христијаните радосно да го дочекаат Воскресението Христово.

Возљубени во Господа, во седмиците кои следат да се подготвуваме за воскресението со молитва и пост, да патуваме кон целта која Црквата ни ја покажува на крајот на секоја седмица, а тоа е соединувањето со Христа, бидејќи само во Христа нашиот живот има смисла и само во Христа и постот има смисла. Великиот пост нека биде време кога ќе ги умножиме молитвите, време кога ќе го засилиме постот, време кога постојано ќе размислуваме за соединувањето со Бога, станувањето едно со Него. Тоа е можност која ни се дава на секоја Света Литургија. Да не ја одложуваме средбата со Бога бидејќи надвор од Бога нашиот живот претставува само талкање низ времето и просторот.

Пренесувајќи ви го благословот на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Кирил, Бог нека ве укрепува во текот на постот за подвигот да ви биде лесен, а соединувањето со Телото и Крвта Христови, на здравје и спасение. Амин.