Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Апел (26.10.2012 16:43)

Стратегијата на Македонската православна црква (МПЦ), меѓу другото, во себе го вклучува и постојаното апелирање до нашиот православен народ за повеќедетни семејства. Секако, тоа се должи и произлегува од учењето на Библијата и на Православната црква за дарот на раѓањето, односно: Раѓајте се и множете се и наполнете ја земјата, и господарете над неа... (1. Мој. 1, 28). Од друга страна е во согласност со традицијата на нашиот народ од минатото, но особено е потреба на нашата сегашност, а со тоа и иднина – поради сè поалармантното опаѓање на наталитетот меѓу христијанското население.

Затоа, МПЦ, како духовна мајка на македонскиот народ, но и на сите православни христијани на овие простори, ја поздравуваме секоја иницијатива која води во поучување на луѓето, а заради познание на Вистината и на вредностите кои се одлика и својство првенствено на човекот, но и на нашата култура и традиција, а секако претставуваат и неодминлива нужност во денешното егзистирање во светот. Како МПЦ нè загрижува фактот дека поради одредени неоправдани причини, меѓу нас се појавува трендот семејството и рожбите да се сфаќаат како товар, како нешто што е во сенка и може да пречи на приоритетите што се производ на денешното нездраво духовно живеење. Како Црква сме повикани да посочиме на недуховните причини поради кои се избегнуваат рожбите и подигнувањата на семејство.

Свесни сме дека живееме во времиња на економска криза, но зар нашите предци во минатото, кои покрај што беа посиромашни, живееја и без слобода, и како дел од туѓи држави и Цркви, па сепак раѓаа по повеќе деца. Затоа е особено важно постојаното акцентирање на ова прашање речиси во секоја прилика, зашто за нас – Македонците, раѓањето на повеќе деца значи опстојување. Токму заради ова, поддржуваме секаква и сечија иницијатива која значи подобро утре и посигурна иднина за нашиот македонски народ.