Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Осветување иконостас во манастирот на свети Јоаким Осоговски Чудотворец (02.09.2011)

Покрај торжественото празнување на празниците Успение на Прасвета Богородица и денот кога Осоговскиот манастир во Крива Паланка го слави својот патрон празник, во Големата манастирска црква, од страна на Неговото високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски господин Кирил беше осветен новиот  иконостас во резба.

Во недела празнувањето започна со света божествена литургија на која се причестија голем број верници. Преку целиот ден  верниот народ од сите страни како река се слеваше во манастирот, за да во вечерните часови, кога започна вечерната богослужба, ѕвонењето на камбаните го најави доаѓањето на надлежниот митрополитот господин Кирил.  

Утредента, Митрополитот господин Кирил, заедно со свештениците од Кумановското, Кратовското и Кривопаланечкото архиерејско намесништво, на светата литургија го осветија новиот иконостас.

Во далечната 1910 година, паднала огромна карпа и го срушила северниот ѕид на црквата, кога бил срушен и тогашниот иконостас. Подоцна, во 1932 година, бил монтиран нов иконостас, за кој иконите ги израбитиле Димитрија Андонов-Папрадишки и Никола Михаилов. Иконостасот беше изработен од лесно профилирана дрвена конструкција.

Точно по 100 години од големата катастрофа, во октомври 2010 година, беше монтиран новиот иконостас во резба, кој го изработи копаничарска тајфа од Здружението на копаничари на Македонија,   предводени од протомајсторите Злате Крстески и Димче Бунтески, потоа Никола Михајловски, Никола Прчков, Раде Костовски, Јане Крстески и Мирко Гашпарец.  На новиот иконостас се вградени старите Царски двери и Распетието Христово. Дел од старите икони се вратени, а новите ги изработија академските сликари Ленче Крстеска и Синиша Кашавелски.

По завршувањето на литургијата, беше осветена вода и прекршени славските колачи. Големиот собор продолжи се до вечерните часови.

 

       

 

       

 

        

 

       

 

 

Известува: о. Александар