Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Чествување на празникот на свети Пантелејмон во Велес (09.08.2011)

На 8 и 9 август 2011 година, Велес го чествуваше споменот на својот патрон и заштитник, светиот великомаченик Пантелејмон. Годинава по втор пат чествувањето на овој празник беше одбележан и како официјален празник на градот Велес, откако со одлука од Советот на град Велес, лани празникот на Светиот вмч. Пантелејмон почна да се чествува како официјален празник на градот, и покрај тоа што жителите на градот Велес неговата закрила ја чувствуваат многу одамна, за што сведочи и изградбата на Соборниот храм на Повардарската епархија, посветен на овој светител, по чии молитви, градот бил спасен од страшната чума која се појавила во XIX век.

Празнувањето започна со Вечерна Богослужба на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел. По отслужената Вечерна Богослужба, на која голем број верници од Велес молитвено      го просеа застапништвото пред Бога од светиот вмч. Пантелејмон, нивниот закрилник, празнувањето продолжи со Духовна академија на која најпрво присутните ги поздрави градоначалникот на општина Велес г. Горан Петров, а потоа со пригоден говор до присутните се обрати и Митрополитот Повардарски г. Агатангел. Потоа следуваше настап на црковниот хор, кој исто така го носи името на патронот на градот, а по велелепните звуци од нашите хористи беше изведена монодрамата „Ѕвездено молитвеење на Светиот Пантелејмон“ од познатата велешка актерка Весна Димитровска. Следуваше настап на велешките музички ѕвезди Орхидеја Дукова и Мики Секуловски, за на крај празнувањето да заврши со коктел за сите присутни во дворот на Соборниот храм.

Утредента на самиот празник, како централен настан на празнувањето, беше отслужена Божествена Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение на Митрополитот Повардарски г. Агатангел и Митрополитот Брегалнички г. Иларион.

На Литургијата присуствуваа голем број верници од Велес, а и по нејзиното завршување, не престануваа реки од народ да се движат кон Соборниот храм  за да му се поклонат на својот закрилник, светиот Пантелејмон. На Литургијата присуствуваа и градоначалникот на Велес Г-дин Горан Петров, советниците од Општината, како и голем дел од претставниците на институциите од градот.   

 

        

 

                           

 

     

 

Извор: Повардарска епархија