Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Илинден во Лазарополе (03-08-2011)

Спомнувајќи си денес за големиот пророк Илија, ние истовремено се потсетивме и на незаборавните и славни собитија од херојското минато на нашиот народ, нераскинливо поврзани со овој небесен покровител. Еве врви 109-та година од оној херојски миг, кога нашиот народ востана, борејќи се за евангелска слобода против иноверниот поробувач, и 67-та од еден друг, не помалку значаен и славен настан, моментот во кој нашиот народ ја прогласи својата државност. Во овие мигови на сенародно веселие, оваа година славиме уште еден црковно-народен јубилеј: 170 години од осветувањето на црквата „Св. вмч. Георгиј Победоносец“ во с. Лазарополе. Овој храм е непорекливо сведоштво за духовната широчина на нашиот народ, кој задоен со силна вера и воспитан во евангелската наука, иако во тоа време окован во прангите на ропството, сепак бил слободен по дух и успеал да се избори за подигањето на овој храм, а притоа и раскошно да го украси. Затоа денес се собравме во големо мнозинство во прекрасното и живописно селце Лазарополе, на големиот народен собир, достојно да го прославивме, не само светиот пророк Илија, туку и делото на нашите предци, кои со натчовечка пожртвуваност се принесоа себеси во служба на Бога и на ближните. Оваа ретка и навистина величествена свеченост, устроена од црковниот одбор и Бигорското братство, беше збогатена и со присуството на Неговото Блаженство, архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, како и на Нивните Високопреосвештенства, митрополитите: г. Тимотеј и г. Агатангел. На торжественото богослужение во византиски мелос, ни се придружи и протопсалтот Панајотис Сомалис од Атина, голем пријател на македонскиот народ, кој ја посети нашата татковина токму на денот на нејзиниот голем национален празник. Всушност за тоа колку е значаен Илинден за сите нас кои живееме во оваа убава но со многу жртви платена татковина, не потсети и самиот архиепископ во своето послание во чест на големиот празник. „Илинден, нагласува архиепископот, треба да го одбележуваме како свој духовен и морален препород и како своевиден испит пред Бога и пред нашите славни предци: комити и војводи, борци и партизани, поборници и духовници... Илинден треба да го славиме како настан што трае и секој Македонец треба да го носи во себе каде и да оди. Илинден не завршил ни во 1903, ни во 1944, ни во 1991 година. Илинден бил и останува со секој Македонец, на секое место и во секое време“. На доксологијата, пак, што следуваше веднаш по литургијата, преку словото на митрополитот Тимотеј, научивме нешто повеќе за историјата на храмот „Св. Георгиј“ и за славните подвизи на неговиот храбар градител. Имено храмот бил изграден во 1832 година, без знаење на турските власти, но неговиот ктитор – великанот ќајата Ѓурчин Кокалески, потоа издејствувал дозвола од султанот. „Огромна е заслугата на Ѓурчин Кокалески во повеќе сфери и развивања на Лазарополе – истакна митрополитот за овој голем народнополезен деец. Тој како самоук ќе се ангажира со свештеникот Мартин Димковски за организирање на првото училиште за да ги просвети, пред сѐ, своите деца, но и сите оние што изразувале желба за учење. Овој заслужен човек покажал извонредна христијанска доблест, бидејќи им помагал на сите сиромаси, како од селото, така и од пошироката околина. Тој се одликувал со голема умереност и дипломатска способност... Ѓурчин се ангажирал лазарополската црква да добие и камбана, која во 1856 пристигнува од Австрија. Со ова, Лазарополе станало второ место во Македонија, после Бигорскиот манастир, кое се здобило со црковна камбана. Тој особено покажувал голем интерес за тоа луѓето од мијачкиот крај да не примаат ислам, а тие што примиле, пак, ги враќал во христијанство, при што особено се познати случаите во Галичник“. Така, лазарополската црква, бележита по прекрасниот животопис од познатиот македонски зограф Дичо, благодарение на Ѓурчин, била меѓу првите цркви од османлиското време која била изѕидана од камен и украсена со камбанарија. Каков светол пример за сите нас е оваа така богоугодна и родољубива дејност на нашите предци, која нам, нивните потомци јасно ни го покажува вистинскиот начин за тоа како треба да се љуби татковината и светата Црква и да се ревнува за велелепието на Божјите домови. Денешната прослава заврши со искрени желби и молитвени повици од многубројниот народ, Бог да ни ја чува нашата татковина. На многаја лета света наша татковино!

      

 

 

      

 

 

                                  

 

Известува: Бигорски манастир