Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Од активностите на Митрополит Европски г. Пимен во Загреб (02.11.2010)

По повод патрониот празник на Македонската православна црковна општина „Света Злата Мегленска“ во Загреб, Република Хрватска, која се празнува на 26.10 (нов стил), на ден 23.10.2010 година (сабота) се отслужи воскресна Вечерна богослужба, со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен, во солужение со парохискиот свештеник протопрезвитер Кирко Велински и секретарот на епархијата ѓакон Антоние Попоски.

 

Покрај значителниот број на Македонци, кои живеат во Р. Хрватска, на Вечерната богослужба присуствуваше и монсињор Владимир Станковиќ од Католичката црква, кој во исто време ја извршува и обврската на секретар на Светската религија за мир. Имено, монсињор Станковиќ, уште од зачетоците на здружен религиозен живот на Македонците во Р. Хрватска, во средината на 90-тите години, ја помага МПЦО згрижувајќи ги свештениците кои доаѓаат од Р. Македонија, а исто така и денес е активно вклучен во развојот на истата.

 

По Вечерната богослужба Митрополитот Пимен одржа предавање на тема „Библијата и Македонците“, по што произлезе опсежна дискусија со слушателите. 

Следниот ден, на  24.10.2010 година (недела), во црквата на Роков перивој се отслужи Божествена Литургија, од каде присутните верници се упатија на местото каде што е предвидено да се изгради македонски православен храм. Таму, пак, се освети вода и се благослови местото за градба и се постави крст. Плацот од 711 м2, во март оваа година, управниот одбор на МПЦО „Света Злата Мегленска“ го купи за 200.000 евра.

На чинот на осветувањето на местото за градба, покрај стотината Македонци коишто живеат во Загреб, присуствуваа и Н.Е. г. Данчо Марковски, амбасадор на Р. Македонија во Р. Хрватска; монсињор Звонимир Секељ, викар на Загрепската надбискупија; пречесен др. Звонимир Куречиќ, пребендар во Загрепската надбискупија; дон Пејо, парохиски свештеник во црквата „Света Марија Помошничка“; г. Фрањо Дубровиќ, од Комисијата за верски заедници на Р. Хрватска и г. Стипе Зеба, шеф на кабинетот на градоначалникот на Загреб.

 

             

 

             

 

            

 

           

 

            

 

              

Известува: ѓакон Антоние Попоски