Венчавка во Бигорскиот манастир (11.04.2010)

Поради тоа човекот ќе го остави татка си и мајката своја и ќе се придружи кон жената своја, та обајцата ке бидат едно тело. Оваа тајна е голема. Но јас ви зборувам за Христа и за Црквата. И така секој од вас да си ја сака жената своја како што се сака самиот себе, а жената да се бои од мажот свој. (Ефес.5, 31 -33)
Нашиот Господ Исус Христос го благословил бракот со своето прво чудо во Кана Галилејска, кога водата ја претворил во вино, покажувајќи го тогаш венецот на сопружниците во ова свето таинство, зашто светата тајна брак преку Христа се враќа до оној првобитен идеал и се доближува до почетната замисла на Господа за оваа света заедница како живот на вечна радост во заедница со Христа.
Оттука, бракот не е само обичен правен договор, ниту граѓанска спогодба. Не, тоа е една мала семејна црква во која мажот и жената се обединети во Света Троица и славејќи Го Бога се трудат за спасение на своите души. Ова му дава уште една надземна димензија на брачниот живот, преку која мажот и жената влегуваат во една нова реалност, идното Царство небесно, бидејќи примајќи го Божјото присуство, тие ја прават својата зедница вечна. Како што вели старец Емилијан Симонопетриски: ‘Иако навидум светата тајна брак спојува двајца, сепак тоа е зедница на тројца. Мажот ја зема жената, жената го прима мажот, но тие двајцата заедно се венчаваат и со Христа.” А Христос ја победи смртта со својот крст и воскресението. Затоа секоја заедница со Него е вечна.
Но светата тајна брак истовремено е и мачеништво. Затоа во текот на светиот чин, на сопружниците им се ставаат круни, што го покажува, покрај нивното соучество во царствувањето со Христа, уште и соучеството во страдањата, бидејќи круната е маченички венец. Оттука и заедничкиот живот на младоженецот и невестата е да го сведочат присуството Христово во своите животи и во светот, смирено поднесувајќи ги сите таги и пожртвувано носејќи го товарот еден на друг. Тоа е вистинското сфаќање за љубовта во Христа.
Токму ова беа пораките што се пренесуваа преку боговдахновените зборови на молитвите за време на светиот чин во Бигорскиот манастир, во кој министерот за транспорт и врски, г-дин Миле Јанакиевски беше венчан со својата сопруга Сања, примајќи го на себе благословот Божји за света брачна заедница во Христа. Радоста на Христовото воскресение кое сеуште силно се чувствуваше во Бигорски храм, уште повеќе го зголеми торжеството на младоженците, кои оваа своја радост ја споделија и со своите најблиски. Почестен од ова големо достоинство, игуменот на Бигорскиот манастир, архимандрит Партениј, со радост го изврши чинот на венчавањето, упатувајќи кон Господа искрени молитви да погледние милостиво на овој брачен пар и да го благослови со голема зедничка љубов, духовна сплотеност и многудетен пород. Притоа очигледно беше присуството на благодатта, како и присуството на Мајката Божја, Која токму на овој ден, кога преблагиот наш Господ Исус Христос, преку неверието на Својот апостол Тома, го потврди Своето воскресение, таа го излеа својот благослов врз двајцата сопружници и сите присутни во храмот, давајќи им залог за радосен и богоугоден живот во заедница со Бога.





Известуваат: сестрите од Рајчица