Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Христос воскресе! (04.04.2010)

Си приготвил пред мене трпеза на очиглед на непријателите мои, си ја помазал главата моја со елеј и чашата Твоја ме напојува со блаженство.

Колку длабока смисла добиваат овие пророчки зборови на псалмопеецот Давид, во светлината на Христовото Воскресение! Тоа добро го почувствуваа сите оние кои во Бигорскиот манастир до бескрај се наситија од трпезата на љубовта, радоста и мирот. И братството и сестринството, па и огромното мнозинство на верници, кои не ја заборавија оваа света обител во миговите на искушенијата, па како да не ги споделат сега со нив и овие најпрекрасни мигови на семирно торжество. Со вистински восхит кој се читаше на нивните лица, со она чувство на неискажлива радост, додека од сите страни одекнуваше победничкиот поздрав 'Христос Воскресна!", а храмот блескаше со една поинаква неземна светлина, тие се придружија на прекрасното пеење на псалтите, славејќи го заедно преблагиот Господ, Кој го излеа врз сите богатството на Својата штедрост и ги напои со небесното питие. Затоа со посебно умиление низ храмот одекнуваа стиховите од воскресниот канон: 'Пријдете ново питие да пиеме, не од неплоден камен чудотворено, туку кое е источник на нетление и кое од гробот на Христа се излеа, во Кого се утврдуваме." Да воскреснатиот наш Спасител никого не остави гладен. Откако ги нахрани со Своето божествено Тело и пречиста Крв, влевајќи им нови сили животни, ги покани и телесно да се поткрепат на трпезата што монасите ја приготвија под отворено небо, пред глетката на изгорениот конак, кој во овие мигови на воскресна радост, како да го најавуваше и своето воскресение. 

Христос Воскресна!