Архиерејска Божествена Литургија во Охрид (09.12.2009)

На 09 декември 2009 година, на денот кога се празнува споменот на преподобен Алимпиј Столпник и возобновување на храм на свети великомаченик Георгиј во Киев, во црквата на Свети Георгиј во Охрид, се служеше Света Архиерејска Литургија. Со Божествената Литургија чиноначалствуваше надлежниот Митрополит Неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј во сослужение на: протојереј-ставрофор Ефтим Бетински, јереј Димче Ѓорѓиески, јереј Игор Никовски, јереј Никола Христоски и ѓаконите Димче Азески и Николче Ѓурѓиноски. Мноштво верен народ пристапи кон светиот Путир причестувајќи се со Телото и Крвта Христови. После завршувањето на Светата Литургија Митрополитот г. Тимотеј кон верниците се обрати со поучно слово кое во целост ви го пренесуваме.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух! Амин.
Драги браќа и сестри,
Уште од првите векови на христијанството, христијаните се собирале на местата каде што маченички го завршувале својот живот нивните браќа во Христа. Околу нивните гробови се создавале првите собиралишта и првите христијански заедници. Верното православно срце особена љубов изразува кон мачениците. Ништо друго не го привлекува христијанското срце како мачеништвото на мачениците.
Со што го привлекувале нашето срце светите маченици? Пред сè, со својот пожртвуван подвиг, со своите страдања и со својата маченичка смрт. Секој подвиг соединет со жртва уште повеќе го освојува и го покорува нашето срце. Дали смеме да ги заборавиме нашите народни херои кои што ги положиле своите млади животи за наше добро, за мирен живот и за нашата татковина? Не. Токму заради тоа ние не смееме да ги забораваме. Нивниот подвиг е овенчан со бесмртна слава. Но, за кого умирале нашите свети маченици, нашата слава и нашата гордост? Тие умирале за Христа, и заради свештената цел на нашиот земен живот - за спасение на бесмртната душа. Нивниот подвиг бил совршено доброволен. Им бил понудуван избор: или да се поклонат на многубожечките идоли и да примат слобода и материјално богатство, или да поднесат страдања и маки. Тие го избирале последното.
Православниот верник во своето срце со голема љубов ги почитува светите маченици затоа што тие со своите маченички подвизи ја покажале сета убавина на својата душа, и ги запазиле, на највисоко ниво свештените добродетели на христијанскиот живот. Тие ја изразуваат самата суштина и самата душа на христијанството - верата, надежта и љубовта. Тие доброволно страдале имајќи цврста вера во вистинитоста и непоколебливоста на зборовите на Господа Исуса Христа: „Зашто, кој сака да го спаси својот живот, ќе го загуби; ако го загуби животот свој заради Мене и Евангелието, тој ќе го сапси” (Мар. 8, 35). Таа вера многумина ги воодушевувала, затоа што многумина, без негодувања и гневење, ги поднесувале сите страдања и маки и ги положувале своите животи не угасувајќи ја и не напуштајќи ја духовната радост.
Нив ги одушевувала и ги поттикнувана на поцврст подвиг верата и љубовта кон Небесниот Отец. Во името на таа сеопфатна љубов тие се откажувале од сите земни радости и не ги жалеле своите млади животи. Светите маченици согореле од љубов кон Христа и се закрепнувале со надежта - надежта во милосрдието на Небесниот Отец, кој им ги прима маченичките подвизи како искупителна жртва за сите волни и неволни престапи или гревови. Верувам, дека маченичката крв ќе ги измие како и водата во крштевањето. Некои свети маченици приоѓале кон маченички венец после нивниот многу греовен живот, како на пример маченикот Бонифациј. Но и тие што ја принесувале на жртва својата чиста душа и тие имаа потреба и надеж во милосрдието Божјо. Тоа може да се изрази на следниов сликовит начин. Колку е почиста и посветла водата полесно може во неа да се видат и најситните нечистотии. Кога ќе блесне сончевата светлина и преку најмал прозорец милијарди, односно, сите најситни честички се гледаат што летаат во воздухот. Исто така се случува и со срцето на човекот. Колку е тоа почисто, толку повеќе ги забележува сите гревовни дамки. Колку човекот се издигнува повисоко во духовниот живот толку подобро ја согледува својата греовност. Таква чиста душа е и свети великомаченик Ѓорги, кој маченички пострадал загревајќи го своето срце со љубов кон Господа и зацвртувајќи ја својата надеж.
Драги браќа и сестри, тука гледаме со каква силна вера, љубов и надеж блеска маченичкиот подвиг на свети великомаченик Ѓеоргиј. Тој го запечатил својот живот со смрт за Христа. Какви сè маки не претрпел. Бил камшикуван, тепан, струган, вртен во буре со клинци, но сето тоа оваа благородна душа го претрпела и се овенчала со маченички венец, за кој што и ние денеска го прославуваме. Но треба пак да се запрашаме ние кои се нарекуваме дека сме Христијани, со какви греови во себе стоиме пред неговиот лик и го прославуваме неговото мачеништво!
Ние не можеме да не ја слушнеме и лекцијата што ни ја дава со својот подвиг. Ние не го прославуваме само маченикот како носител на највисок подвиг и на нетлената духовна убавина, туку ги набљудуваме мачениците и како наши учители. Дефинитивно во маченичките подвизи ние не можеме да ги поддржуваме, кон таков подвиг никој од нас не е повикан и тоа во наше време не го бара ни Господ. Но, ние можеме и сме должни да ги поддржиме во верата, љубовта и надежта.
Потребно е да имаме цврста и непоколеблива вера во вистинитоста на секој збор на нашиот Спасител. Таквата вера секогаш за нас ќе биде извор на духовни сили, извор кој не се споредува со ниедна радост и светлина, кои нè водат во вечен живот.
Загревајте го своето срце во љубов кон Христа, зацврстувајте го своето срце слично на мачениците, со надежт во милоста Божја. Кај нашиот Небесен Отец нема место за очајување ни за најголем грешник. Ние знаеме од Светото Писмо, дека и оној кој ќе дојде при Него и во единаесетиот час од својот живот ќе ја прими таа награда, како и оној што дошол во третиот час, но ако тој дојде или пристапи со љубов, вера и надеж. Вера, надеж и љубов - тоа е душа и срце на севкупниот духовен живот на православниот човек. Овие три добродетели се највиските основи на христијанскиот живот.
Драги христијани и денеска кога го прославуваме светиот великомаченик Ѓеорги, односно возобновување на неговиот храм во Киев да се поучиме од неговата силна и непоколеблива вера во Христа, вера која го однела и до маченичка смрт. По неговите молитви нека Господ всади и во нашите срца и души од таа вера да можеме и ние вистински, достоинствено да го исповедаме Господа Христа не само со зборови туку и со дела и да го посведочиме на секое место каде што се движиме. И никаде и никогаш да не го посрамиме името Божјо, за да добиеме награда по молитвите на свети Георги и по милоста Божја. Амин.
Митрополит Дебарско-кичевски и Плаошки г. Тимотеј

Известува: ѓакон Николче Ѓурѓиноски