Vesti i nastani
 
 
 
 
 

На празникот на Воведение на Пресвета Богородива во Охрид (04.12.2009)

Празникот „Воведение на Пресвета Богородица - Пречиста”, торжествено со празнични богослужби се прослави во сите храмови во Дебарско-кичевска епархија. По тој повод во црквата „Успение на Пресвета Богородица - Каменско” во Охрид, надлежниот Митрополит г. Тимотеј во сослужение на: протојереј Сашо Богдановски, јереј Љупчо Симиџиоски, парохиски свештеници при истоимената црква, јереј Игор Никовски, секретар на Дебарско-кичевска епархија и ѓаконите Димче Азески и Николче Ѓурѓиноски служеше света божествена Литургија. Бидејќи празникот „Пречиста” паѓа во првата недела од Божиќниот пост, верниот народ подготвувајќи се со пост и молитва масовно пристапи кон светиот Путир примајќи го Телото и Крвта Христова. Кон мноштвото народ Владиката се обрати со празнично слово кое во целост ви го пренесуваме.

 

            МИТРОПОЛИТ ТИМОТЕЈ

 

            Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух

 

            Драги браќа и сестри,

 

            Секој празник посветен на Пресвета Богородица е голема радост, радост пред сè, затоа што светот го има тоа свето Суштество; радост е бидејќи земјата ја дава Божјата Мајка, нашата земја како таква, блиска и грешна на нас луѓето, одговарила на повикот небесен и небото слегло на земјата. Радоста постанува уште повеќе затоа што преку устата на Божјата Мајка, човечкиот род одговорил на Бога со послушност, вера и преданост, и Господ постанал Човек. Секој празник на Мајката Божја тоа е радост во Господа, радост бидејќи ние ја имаме скоропослушницата и подателката на радоста.

            Денеска праведните Јоаким и Ана го исполнуваат својот завет - да ја посветат својата рожба на Бога. Денеска се воведува со родителите и со девојчињата со запалени свеќи малата Марија во храмот. Неа ја оставаат на првото скалило, и на второто Таа, како возрасна и без страв сама се искачува по високите скалила во храмот. На врвот пред самиот влез ја пресретнува првосвештеникот Захариј. По внушувањето на Духот Божји ја воведува во храмот во Светињата на Светињите, каде што никој не можел да влезе освен првосвештеникот и тоа еднаш во годината.

            Од овој момент пресвета Дева останала да живее во храмот. Таа се молела на Бога, читала и работела.

            Светот видел од своја средина неосквернета и непорочна девица. Ја одгледал преку благочестивите праведни Јоаким и Ана, и ја дал во рацете Божји и го очекувал доаѓањето на Спасителот. Ете зошто денеска светата црква ја воспева Божјата Мајка велејќи: „Во храмот Божји јасно Дева се јавува и Христа на сите ни го предвестува”. Затоа и по црковниот типик од денешниот ден започнуваат во храмовите Божји рождественските песни прославувајќи го раѓањето во светот на Господа Исуса Христа.

            Секој детал на празникот Воведение е трогателен и длабоко поучителен: исполнување на заветот родителски, љубовта на малата Марија кон храмот, нејзиниот живот и воспитувањето во храмот, нејзината преданост на Бога. На што и да го задржиме свото внимание - сè е на духовна полза.

            Божјата Мајка денес влегува во храм Божји. Неа ја оставаат на првото скалило, а останатите таа сама ги искачува и влегува во Свјатаја Свјатих. Така е и со нашиот духовен живот. Со светата тајна Крштение и Миропозание, ние сме поставени на првото скалило на духовното воздигнување, а понатаму сме должни сами да одиме, едни побрзо, други побавно, но сите да одиме кон зададената цел, Светињата на Светињите односно кон Господа. Колку е радосно да се приближиме кон Него! И кон тоа духовно одење ние не одиме први. Пред нас подржувајќи не и бодрејќи нè, оди Пресвета Дева.

            Со чувство на длабока почит да ја следиме и ние Дева Марија, одејќи во придружба на своите стари родители во Божјиот храм. Го засакала Пресвета Дева храмот така што не излегувала од него. Тука таа се молела и работела. Од тука излегува Таа која постана Мајка Божја, застапница на севкупниот човечки род.

            Колку би сакале со таква љубов кон храмот, секој поединечно да го засакаме, како Таа. Колку би сакал покрај сите светски суети, тревоги и раздразнувања на нашите души да влезат и впечатоците од храмот Божји. Во секој храм - тоа е изобразување на небото на земјата во кој човекот како во огледало може да се најде себеси и да го разбере своето назначување. Светата Отроковица денеска влегува во храмот и сите нè повикува со неа. Да го послушаме нејзиниот повик и да го следуваме нејзиниот пример. Амин.

 

4.12.2009 година, Воведение на Пресвета Богородица, Црква Света Богородица - Каменско - Охрид.

 

      

 

     

 

 

Известува: ѓакон Николче