Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Празникот Рождество на Пресвета Богородица во Дебaрско-кичевската епархија (20.09.2009)

Празникот Рождество на Пресвета Богородица,торжествено со празнични богослужби се прослави во сите цркви и манастири во Дебарско-кичевска епархија. По тој повод, во неделата на 20-ти септември, во попладневните часови Митрополит г. Тимотеј во сослужение на повеќемина свештенослужители, во манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во село Манастирец, Македонски Брод, служеше Акатист на Раѓањето на Пресвета Богородица. Истиот ден, по отслужениот Акатис, Владиката се упати во манастирот Пресвета Богородица - Пречиста во Кичево каде што беше и централната прослава по повод овој голем празник. Вечерта, во 19 часот започна празничната Вечерна богослужба со која чиноначалствуваше Митрополит г. Тимотеј во сослужение на: архимандрит Нектариј, протојереј-ставрофор Ѓорѓи Лапоски, протојереј-ставрофор Ефтим Бетински, јереј Ристо Камбуроски, јереј Игор Никовски и ѓаконите Димче Азески, Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски. Веднаш после завршувањето на Вечерната богослужба пред чудотворната икона на Пресвета Богородица се отслужи Акатист на раѓањето на Пресвета Богородица. Култот на Пресвета Богородица во овој крај е голем, не само кај православните христијани туку и кај муслиманите, така да огромно мноштво народ беше собрано, соборно со својот Пастироначалник да се помолат на Пресвета Богородица. Реката од верен народ непрестано течеше сé до доцните вечерни часови. Утредента, 21 септември, со почеток во 7: 30 часот започна Утрената богослужба, на која кон бројот на свештенослужителите се приклучи и протојереј-ставрофор Тоди Јован (Албанска Православна Црква), по која следуваше архиерејска божествена Литургија.  По завршувањето на светата Литургија, Владиката заедно со останатите свештенослужители излегоа во дворот на црквата каде се извршија мал Водосвет и се благослови и прекрши празничниот леб.

 

         

 

          

 

         

 

          

 

          

 

          

 

         

 

         

 

          

 

           

 

Известува: ѓакон Никола