Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Архиерејска Божествена Литургија во Скопје (28.04.2009)

Денес, кога Светата Црква го слави споменот  на бескрајната милост на Пресвета Богородица кон човечкиот род,  Неговото Блаженсво Архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан, во сослужение на Митрополит г. Горазд и бројното свештенство на Скопската епархија, отслужи Божествена Литургија во манастирската црква на св. Јован Крстител, во скопската населба Капиштец. На Литругијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан на присутните верни им се обрати со следната беседа:

„Возљубени во Господа,

Во петокот по Велигден, во петокот во Светлата седмица, Светата Црква го чествува споменот од осветувањето на храмот посветен на Пресвета Богородица, наречен живоносен извор. Храмот го изградил царот Лав Велики за спомен на настанот, кога еден слеп човек минувајќи низ една шума, барем за тоа време, побарал вода па бил однесен, од страна на тогаш младиот Лав, на еден близок извор од чија вода, откако слепиот се напил и ги оплакнал, ги замил своите очи, прогледал. Тогаш, излекуваниот човек му претскажал на Лав дека тој ќе постане цар, што и се случило. Во тој храм подоцна, се случиле уште многу чуда. Царот Јустинијан Велики, исто така, се излекувал од тешка болест миејќи се со таа вода. Па подигнал подоцна и поголем храм од оној изградениот од Лав Велики. Исто така тука здравје нашле и Василиј, непријателот на нашиот Самуил, Лав Мудриот и неговата сопруга Теофана, па царот Роман. На местото на познатиот Храм на живоносниот извор денес се наоѓа познатата капела Палуплу, близу до прочуената Златна врата на старите гратски ѕидини од стариот Цариград.

Инаку, возљубени во Господа и покрај сите непријатности што ни беа приредени на неколку дена, како и спроти самиот Велигден, со Божја помош го дочекавме и му се радувавме на празникот над празниците, на настанот над сите настани, на чудото над сите чуда, го дочекавме и ние како народ и му се радувавме на Христовото сепобедно Воскресение.
Ќе повторам, зашто тоа многупати го велам дека ниеден друг празник, ниедно друго чествување, не предизвикува толку размислување за тоа што се Господ претрпел за нас луѓето. Не само што слегол од небото, не само што се родил како човек, не само што бил обвинет и измачуван, туку претрпел и распнување на крст, бил погребан и воскреснал. Тоа била неповторлива пројава на Божјата грижа за спасение на човечкиот род. Бог поради љубов претрпел и смрт, за да се врати единството меѓу Него и родот човечки.

Но и по, речиси, 2000 години од тој настан, еве, потребно е и денес да размислуваме за тоа што христијанската наука, што нашата Вера му даде и му дава на човечкиот род. На ова уште повеќе треба да размислуваме по последните настани што се случија по одлуката на Уставниот суд со која се суспендира Законот за основно образование, со кој беше предвидено вероучение за учениците од петто одделение. А Законот за основното образование беше донесен по сите потребни процедури, со јавна расправа кога сите можеа да кажат свои мислења. И ако не беше добар да го подобрат или едноставно да се спротивстават на неговото донесување.
Но како и да е, верата во Македонија имаше свој Велики Петок и тоа наспроти овогодишниот Велики Петок, Уставниот суд со својата одлука ја распна веронауката во нашето образование и тоа најмногу, претпоставувам, врз основа личното уверување и безбожниот став на мнозинството од судиите.

Инаку, должни сме да ги почитуваме институциите меѓу кои, секако и најмногу, Уставниот суд. Но, на смее да не се почитува и определбата при изборот на децата и нивните родители, каков што беше случајот за вероучението. Ако меѓу православните 70% и меѓу муслиманите 95% доброволно се определиле за вероучение, што треба да сториме и како да се однесуваме. Што треба да направи Црквата? Дали треба да им аплаудира на уставните судии или јавно да каже дека и тие можат да погрешат и дека Уставот треба да биде во функција на слободата и демократскиот избор на граѓаните. Исто така не треба да ги премолчиме ниту изјавите и коментарите дека не било потребно да се учи за Бога, за верата, за моралот и слично, зашто тоа било назадно.

Ќе потсетам, и најголемите научници биле длабоко религиозни и скоро сите му благодариле најпрво на Бога за своите постигнувања во науката што ја избрале. И денес, сеуште ги ползуваме нивните откритија, но, за жал не им ја почитуваме нивната Вера. Немаме ништо против Дарвин, иако би било добро и денес некој мајмун да постане човек. Или, не треба ли децата да знаат дека човекот, покрај од мајмун, потекнува и од Бога. Она што им изгледа поприфатливо и поуверливо, тоа и нека го одберат - меѓу Господ и мајмунот како создател на Човекот.“ 

 

          

 

            

 

            

 

        

 

       

Известува: Калина Трпеска