Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Тодорова сабота во Кривопаланечко (12.03.2009)

На Тодорова сабота, 07.03.2009 година, првата сабота од Велигденскиот пост, Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, отслужи Света Златоустова литургија во храмот посветен на свети Теодор Тирон во село Конопница – Кривопаланечко.

Пред насобраниот народ Митрополитот се обрати со кратка беседа, во која истакна:

„Себлагоговејни оци, драги браќа и сестри во Господа, мили дечиња и внучиња, имајќи ја Божјата милост, после подолги години, еве Господ преку молитвите на светиот Теодор Тирон, маченик, Христов војник и голем молитвеник пред престолот на Севишниот Господ Бог, за да нѐ следи Божјиот благослов, за добро здравје и напредок во вашите домови, семејства за мир и благосостојба во овие наши населби и во градот Крива Паланка, на просторот на нашата родна и мила татковина, среќен сум што се наоѓам во вашата топла и пријатна домаќинска атмосфера. За да можеме на овој убав, светол и спасоносен ден, посветен во чест и слава на светиот маченик Теодор Тирон, заеднички, во овој древен свет Божји храм, да ги принесеме нашите молитви, за да ја имаме и понатаму во текот на целата година Божјата милост.

Во духовна молитвена радост да го поминеме големиот Велигденски пост, во којшто еве една недела чекориме, да се подготвиме достојно, откако ќе се измириме со сите, оти тоа е во духот на нашата убава, православна вера, да побараме прошка како што тоа традиционално се прави на поклади. Големината на нашата православна вера е во проштевањето, во пристапот на младите кон постарите лица, да бараат прошка, а тие им одговараат, од Бог и од мене нека ти е простено. Не сме ангели за да не грешиме, но не сме пак ни грешници кои не знаат да простат и да се покајат. Тоа е во природата на луѓето, уште во првородниот грев кога згрешиле нашите прародители Адам и Ева, светата Христова Црква од преголема милост кон нас, за да добиеме спасение како чеда Божји, ја востановила светата тајна Исповед. Да се исповедаме еден кон друг, да се исповедаме кон Црквата, пред свештениците. Да се подготвиме во текот на Велигденскиот пост, сѐ до празникот над празниците, светлото Христово Воскресение, Велигден, да пристапиме кон примање на Светата Причест, на Телото и Крвта на нашиот Спасител Господ Исус Христос.

Господ, сполај му Нему, преку милоста Негова, со родителска грижа за да ни се продолжи овоземниот живот, за да можеме подостоинствено да се спремиме за денот кога ќе се исполни времето и да се најдеме во прегратките на Бог, во рајските предели, каде што обитаваат душите на нашите предци. Зашто за Бог и пред Бог, драги браќа и сестри нема мртви, туку сите се живи. Ние во овоземната Црква, а сите што се преминати кај Бог, кога се исполнило времето, во небесната.

Драги браќа и сестри, како цивилизиран народ и како чеда на нашата света Православна Црква, помирени едни со други ќе треба да извршиме еден голем возвишен граѓански долг кон нашата родна и мила татковина. Ќе треба да излеземе и да го дадеме својот глас за избор на нови советници, градоначалници како и претседател на нашата суверене татковина Република Македонија.

Искрено да се помолиме на Бог, да ги воздигне, да ги благослови и да ги удостои луѓето да можат да го изберат најдобриот меѓу најдобрите. Да се помолиме Господ да ги умилува избраните со Кирилометодиева мудрост, со Светиклиментово трудољубие и со Светинаумова милост и трпение. Амин.

На Светата Литургија верниците во голем број пристапија кон Светата Тајна Причест, по што следуваше сечење на славските колачи, принесени во чест на свети Теодор Тирон.

 

                     

 

                     

 

                      

 

Известува: отец Александар