Vesti i nastani
 
 
 
 
 

За празникот на свети Атанасиј Архиепископ Александриски во Тетово и тетовско (06.02.2009)

Како ширум нашата родна и мила татковина Република Македонија, така и во тетовскиот регион со најголем пиетет се почитува ликот и делото на светиот Атанасиј Архиепископ Александриски. Неговиот почитување датира уште од далечни времиња, и за тие дамнешни традиции и најстарите поклоници на свети Атанасиј велат дека ги паметат како веќе востановени и добро организирани уште од нивните прадедовци.

Во рамките на чествувањето на споменот на овој наш голем застапник пред Бога и СТОЛБ на Светото Православие, оваа година на 31.01.2009 година, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил ги посети тетовските села Долно Седларце и Брвеница, а се искачи и на Тетовското кале на Балтепе  каде што ја посети манастирската црква посветена во чест и спомен на Свети Атанасиј, која беше пустошена за време на наметнатата војна во 2001 година.

 

       

 

        

Големиот број на верници кои ги преполнија споменатите селски цркви сведочеа за тоа колку е почитуван свети Атанасиј во овој дел од Македонија. Додека пак традиционалниот пречек со топла бела погача и сол како и раскошниот фолклор кој ја красеше младината говореше за љубовта и желбата да се искаже топло и срдечно добредојде на својот почитуван дедо Владика. Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил на верниците од овие села им говореше за големото значење на ликот и делото на свети Атанасиј како учесник на I Вселенски собор во 325 година. Воедно ги потсети дека Македонија е библиска земја во која што прв христијанството го проповедал светиот апостол Павле и дека нашата Светиклиментова Македонска Православна Црква има долга традиција и е Црква со апостолско преемство:

„Светиот апостол Павле имал ноќно видение кое се состои во тоа што на сон му се јавил човек Македонец кој му рекол: Премини во Македонија и помогни ни! Така светиот апостол Павле дошол во Македонија и го проповедал Светото Евангелие и тогаш ја крстил Лидија, која е Светителка.

Живееме со верата, ги практикуваме традициите и обичаите, ја пазиме чистотата и убавината на нашата Православна вера.

Светиот Атанасиј заедно со голем број богословски умови ги поставиле темелите за тоа како треба ние верниците да веруваме, како треба да се однесуваме во животот почитувајќи ги десетте Божји заповеди, за да можеме да дадеме вистинско оправдување на нашето постоење. Сејачот на евангелското спасоносно Христово семе на македонските простори, свети апостол Павле ни порачува: Спомнувајте ги вашите наставници кои што ви го проповедле Словото Божјо и подржувајте го нивниот живот. Сакајќи да ги исполниме тие пораки од светиот апостол Павле, еве со столетија се собираме во нашите свети Божји храмови за уште повеќе да ги облагородуваме и да ги збогатуваме нашите црковно-национални традиции и обичаи. Народ без традиција и без обичаи, народ без вера, е исто што и зграда без добри темели и дрво без длабоки корења кои ќе се срушат при првото невреме, при првиот посилен ветер. Нашиот богољубив народ е народ со цврст вера во Господ Исуса Христа и народ со долга и богата традиција и благочестиви обичаи.

При тоа во споменатите тетовски села и на Тетовското кале Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил ги прережа кумските славски колачи и освети вода за здравје и спасение на од Бога поверената паства.

 

        

 

 

Црквата „Атанасиј“ во село Долно Седларце е завршена со градба во 1985 година и е поставена врз темелите од постара црква. Чинот на нејзиното осветување и евангелисување го изврши Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, кака и осветувањето на црковната трпезарија која е изградена  во 1996 година.

Црквата „Свети Атанасиј“ во село Брвеница потекнува од 1922 година и била изградена врз темелите од постара црква која датирала уште од 1628 година. Во кругот на оваа црква се наоѓа парохиски дом, пространа трпезарија и црковен базент, кои се осветени во 1995 година од страна на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил.

Манастирската црква „Свети Атанасиј“ на Балтепе достоинствено и гордо се извишува над градот Тетово. Оваа црква е изградена во 1922 година врз темелите од црква која потекнувала од XIII. Истата е сведок на големи политички превирања и воени дејствија во Тетово и тетовско, минувајќи ги на тој начин, заедно со верниот и христољубив македонски народ сите премрежија и искушенија пред кои што заедно стоеле исправено и со доблест низ вековите.

 

       

 

       

 

Подготвил: свештеник Жарко Мицковски, професор