Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Богојавление во Тетово (19.01.2009)

Со Света Божествена Архиерејска Литургија и со служење на Голем Богојавленски Водосвет во понеделникот на 19. 01. 2009 лето Господово, во катедралниот храм „ Св. Св. Килил и Методиј “ во Тетово торжествено беше прославен денот на крштевањето на Спасителот Господ Исус Христос во водените струи на реката Јордан од Свети Јован Крстител и Претеча Господов. На Светата Божествена Архиерејска Литургија чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил во сослужение со свештеници од Тетовското архиерејско намесништво. Благодарение на одлуката на Владата на Република Македонија овој светоден да се прогласи за неработен ден за граѓаните на Македонија со Православна вероисповед, оваа година на Богојавление, и катедралниот храм „Св. Св. Кирил и Методиј “ во Тетово и црковниот двор беа претесни за во нив да ги соберат верниците, кои дошле да го прослават денот на крштевањето Исусово и да се воодушевуваат од најспектакуларниот настан  на фрлањето на Светиот Крст од страна на почитуваниот Дедо Владика.

Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил воодушевен од глетката на големото море создадено од мноштвото верници сплотени со длабока вера кон Својот Спасител Господ Исус Христос и цврсти во исполнувањето на прадедовските традеции, во своето празнично обраќање се осврна на историското значење на овој празничен ден, како и значењето на Светото Крштение за спасението на секој човек роден на земјата, а воедно го потенцираше и ставот на нашата Мајка Црква за големата потреба од нашето национално и црковно – духовно единство и неговото суштинско значење за нас како народ православен македонски. Во своето празнично обраќање кон војљубените свои духовни чеда Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил рече:  

„Да му благодариме на нашиот Спасител Господ Исус Христос кој и оваа година не удостои да можеме да зачекориме во новото од Бога благословено 2009 лето Господово. Во новото лето Господово, Господ да ни помогне, да  ни биде берикетно и животот да ни се одвива во мир и благосостојба. Мирно, спокојно да не грее топлото од Бога дарувано македонско сонце. Да цвета радост и среќа. Што повеќе да се собираме за венчавки и крштевки во нашите свети храмови. Да се множи нашиот сехристијански род.

Го одбележавме најголемиот спасоносен христијански семеен празник, рождеството на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Еве, вчера, денес и утре, три дена, уште посилно, уште понагласено од радоста која што ни дојде преку радосната вест за раѓањето на Спасителот Господ Исус Христос од Пресвета Богородица, сега му се радуваме на крштевањето на нашиот Спасител Господ Исус Христос во реката Јордан од Свети Јован Крстител.

Порака евангелска, порака спасоносна, порака живоносна преку примерот на крштевањето на Спасителот Господ Исус Христос во реката Јордан, за секој што дошол на овој свет со Божјиот благослов е дека, за да се спаси треба да биде крстен во вода и помажан со Свето Миро и на тој начин да стане чедо на Светата Православна Христова Црква. Преку отслужените Свети Божествени Литургии ни се откриваат небесата! Денес на овој светоден се осветуваат водите на просторот од родна и мила Македонија! Мајката Црква преку испратеното Божиќно послание не повика на единство. Да бидеме проникнати со искрена, нелицемерна, евангелска љубов, верба и доверба во нашето вечно опстојување на просторот од библиска Македонија. Мајката Црква ни порача да си подадеме рака, да се помириме! Евангелските пораки кои што ни се пренесуваат преку прочитаните Свети евангелија, да ги преточуваме  во живот преку нашите секојдневни активности. Мајката Црква не повикува и не учи, дека само преку силното национално и црковно – духовно единство, можеме цврсто да бидеме уверени дека ќе се сочува вечноста на македонскиот род и пород на нашите простори, како и суверенитетот и територијалниот интегритет на нашата родна и мила татковина Република Македонија и автокефалниот статус на нашата Светоклиментова Македонска православна црква. Мајката Црква не повикува да се чуваме од кавгите, од расправиите, од недоразбирањата, зашто кавгите и неслогата носат само болести и сиромаштија. Мајката Црква не повикува секирите на национален па и црковно – духовен раздор да ги закопаме длабоко во земја, за тие не само да р’ѓосаат, ами потполмо да изгнијат. Душите од Небесната Црква на сите кои што и го дарувале животот на Македонија и нивната пролеана крв од длабочините на родната и мила македонска земја, не повикуваат на силно национално и црковно – духовно единство, особено во текот на оваа година, кога не чекаат престојните избори кои што треба да се извршат. Треба да се потврдиме дека од Бога сме создадени како народ кој што треба да живее, да опстојува и да гради. Да градиме мир и единство! Господ ни порачува: Мир ви давам, мир ви оставам, да се сакате, да се љубите, да се почитувате едни со други! Зашто по тоа ќе ве познаат дека сте мои чеда ако имате милост и ако имате љубов помеѓу себе. Господ нека ни ја зајакнува милоста. Богојавленскиот свет Божји благослов нека се излее и длабоко нека се внедри во нашите души и срца и во нашите домови, и да не следи во сите денови од нашиот живот. Мир и благосостојба Господ да ни дарува на просторот од родна и мила Македонија, во овој миг, во овој час кога нашите души и срца се вознесуваат до небесните височини и кога се осветуваат водите на просторот од родна и мила Македонија. Амин.“

По отслужувањето на Светата Божествена Архиерејска Литургија беше направена свечена литија до големиот црковен базент. Пред базентот од страна на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил беше отслужен Голем Богојавленски Водосвет, а потоа во ладните води на базентот беше фрлен Светиот Крст, а по него скокнаа Сиљаноски Гоце, Стојаноски Младен и Рисоски Кира е најсреќниот ов нив беше Кире Ристоски.

Според древниот обичај оние кои што скокнале во базентот за да го фатат Светиот Крст, со него во текот на денот до доцна во ноќта ги обиколуваат сите тетовски маала, и влегуваат во секој православен христијански дом внесувајќи го во него Светиот Крст и на тој начин посакувајќи му на секое семејство во нивниот дом преку силата на Светиот Крст Господов да се всели Божјиот мир и Божјиот благослов. Светиот Крст до следната година на Богојавление ќе остане во домот на оној кој што го фатил, за на сите кои живеат во тој дом да им донесе здравје, среќа и благослов, а воедно тоа претставува и голема чест за тој дом и за тоа семејство.

 

           

 

          

 

           

 

  

 

                                         Подготвил:

                         свештеник Жарко Мицковски, професор