Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Прославен Бадник во Тетово и тетовско (06.01.2009)

Во вторникот на 06. 01. 2009 лето Господово во катедралниот храм „ Св. Св. Кирил и Методиј “ во Тетово со почеток во 17,00 беше прославен големиот христијански празник Бадник. Свеченото чествување на Бадник во Тетово и оваа година беше збогатено со одржувањето на традиционалниот Божикен концерт на хорска духовна музика од страна на реномираниот женски младински хор „ Менада “ од Тетово, предводен под диригентската палка на Маестро д – р Ивица Зориќ.

Како централен настан на ова чествување на Бадник секако беше осветувањето на бадниковото дрво, кој свечен чин го изврши Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил во сослужение со повеќе свештенослужители од Тетовското архиерејско намесништво кој го помажа со мед бадниковото дрво со желби за здравје, среќа и благослов на поверената му паства и за сиот македонски православен род и пород, на тој начин навестувајќи ги благата на вечниот живот во Госпога Исуса Христа, при што ги освети и принесените овошни плодови кои што со архипастирска љубов и ги раздели на верниците кои со радост ги примаа.

Во своето обраќање до верните чеда во преполнетиот катедрален храм во Тетово, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Кирил истакнувајќи го големото значење на мирот, слогата и меѓусебното разбиране во животот на луѓето меѓу другото рече:

„Колку навистина домакински се однесуваме кон она што претставува на прво место приоритетно највозвишено нешто? Во однос на нашата родна и мила татковина, збиени окулу стожерот на суверенитетот на нашата татковина и окулу автокефалниот статус на нашата Светоклиментова Македонска православна црква, ние претставуваме само едно поголемо православно христијанско семејство. Сите вие добро знаете дека ако има мир, ако има слога, ако има разбирање, ако има самопризнавање, почитување, поднесување, тогаш ќе има и напредок. Од Бога се што доаѓа е добро, а лошото доаѓа од луѓе – нелуѓе, а за жал сеуште живееме опкружени од луѓе – нелуѓе во голем број и треба што поскоро да надвладее терзвениот разум и на прво место како приоритетен интерес да ни биде опстојот на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија, опстојот на нашата Македонска православна црква со автокефален статус, опстојот на нашиот благороден македонски народ, опстојот на се што ни е од Бога дарувано, што го создавале нашите претчественици а е свето, македонски, неотуѓиво и вечно. Нека даде Господ со добрите дела што ќе ги создаваме и во текот на оваа година, заедно со македонските рожби кои што Господе ги дарива, а да даде Господ што повеќе да се множи македонскиот род, да светлозрачиме со уште поголем блесок од минатата година. Нека ни е честит и вековит денешниот празничен ден “.

Потоа во црковниот двор Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил свечено го запали големиот бадников оган  кој ги стопли и ги сплоти срцата на верните за една единствена заедничка молитва и со една мисла.

Сите верници присутни на ова чествување на Бадник во Тетово беа послужени со топла ракија и чај во организација на Црковниот одбор и г. Томислав Стојановски - Бомбај, и беше поставена и посна бадникова трпеза на љубовта.

Во рамките на програмата за чествување на Бадник во истата бадникова вечер Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил ги посети и Лешочкиот манастир и тетовското село Жилче, каде што ги освети бадниковите гранчиња и го запали бадниковиот оган и на тамошните жители им посака мир Божји, здравје, среќа и благослов од Богомладенецот Христос.

 

 

                           

 

 

                          

 

 

                                                         

                                                                               

 

Подготви:

                                    свештеник Жарко Мицковски, професор