Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Чествување на свети Климент Охридски Чудотворец во Тетово (15.12.2008)

На 08.12.2008 лето Господово тетовчани традиционално како и минатите години му оддадоа почит и молитвено му се обратија на патронот на Македонската православна црква свети Климент Охридски Чудотворец.

По повод денот на чевствувањето на свети Климент во катедралниот храм „Свети Свети Кирил и Методиј“ во Тетово, Света Божествена Архиерејска Литургија отслужи Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски господин Кирил, во сослужение на свештениците од тетовското архиерејско намесништво.

На оваа Света Божествена Архиерејска Литургија, присутните верници молитвено се воздигнуваа и духовно се насладуваа од литургиското слаткопение на членовите на реноминариот женски младински хор „Менада“ од Тетово, кои на литургијата ангелогласно настапија под диригентската палка на Маестро проф. Д-р. Ивица Зориќ.

Оваа година на молитвено бдеење на оваа празнична Света Божествена Архиерејска Литургија во катедралниот храм „Свети Свети Кирил и Методиј “ во Тетово по Божјо провидение присуствуваа  Неговата екселенција амбасадорот на пријателска Украина во Република Македонија господинот Виталиј Москаленко, госпоѓа Наташа Јаневска, актуелна пратеничка во Собранието на Република Македонија, господин Ставре Џиков како и други еминентни личности од градот Тетово и пошироко.

По завршувањето на Светата Литургија реномираниот женски младински хор „Менада“ од Тетово  во чест на св. Климент Охридски Чудиотворец одржа свечен концерт на Хорско духовно пеење.

Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски господин Кирил видно восхитен од ревноста на тетовчани со која молитвено му се обраќатија на својот духовен татко свети Климент Охридски Чудотворец, обраќајќи се кон присутните верници ја одржа следната празнична беседа:

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух !

 

Почитувани верници, возљубени чеда на нашата Светиклиментова Македонска православна црква.

 

Вчера и денес молитвено и празнично си  споменуваме за светителот, кој пред единаесет векови, како редок горостасен син од македонскиот род и верен последовател на бессмртното епохално дело од нашите просветители и учители рамноапостолите – Солунските Браќа Кирил и Методиј ја отпочнал широката и интензивна религиозна и културно – просветна дејност на благородното тло од родната македонска земја. Свети Климент е знаме и светол симбол на нашите црковно – народни идеали и вдахновител на нашата силна вера и верба за се подобра иднина.

 

Свети Климент живеел од половината на IX век и првата четвртина на X век. Познато е дека им бил најдаровитиот ученик и најблизок соработник на Рамноапостолите Солунските Браќа Кирил и Методиј и дека ги придружувал овие горостасни Свети мажи и просветители, за време на нивната мисионерска работа во Велика Моравија и Панонија. Тој ја усовршил првата словенска азбука – Глаголицата која ја создал Свети Кирил Солунски, и и  го дал името Кирилица од преголема почит и љубов кон својот учител.

         

Зошто, ние македонските христијани, толку многу Свети Климент го прославуваме и го величаме во Татковината и во дијаспората?

 

Откако се упокоил Свети Кирил во Рим, каде и денес се наоѓа неговиот гроб и почиваат неговите Свети мошти во базиликата Свети Климент Римски, и по смртта на Свети Методиј, Свети Климент се вратил, заедно со Свети Наум, Горазд, Сава и Ангелариј во својот стар крај – Македонија. Овде се појавува како мошне ревносен продолжувач и уживотворувач на делата на Светите Браќа и натамошното ширење и збогатување на словенската писменост, просвета, книжнина и култура. Пред се тој развил импресивна архипастирска и просветителска активност во поблиската и подалечната околина на Охрид. Во сета оваа возвишена благородна работа му помагал и Свети Наум, кој уште во време на неговиот земен живот се прославил како голем молитвеник и чудотворец.

         

Можеме со потполна сигурност да тврдиме дека без просветителската дејност на Свети Климент и Свети Наум и нивните бројни ученици, големото дело на Солунските Бреќа Свети Кирил и Методиј ќе исчезнеше. Неговите траги ќе беа набргу залечени.  Свети Климент е основателот, родоначалникот, организаторот и најнапредниот учител на Охридскиот универзитет, најстарата словенска висока просветна установа не само на Балканот и во Европа, ами и во светот. Се знае дека низ него поминале и се оспособиле повеќе од 3500 духовни пастири, учители и просветители.

 

Оваа грандиозна македонска духовна личност е првиот оригинален словенски теолог и  голем научен работник. Неговите книжни дела и денес претставуваат висок и генијален творечки домен. Пред повеќе години е издадена Антологија на македонската поезија. Составувачот на оваа книга првите нејзини страници и ги посветува на поетските бисери од делата на Свети Климент. Затоа, не случајно Свети Климент се смета за патрон на Македонската Православна Црква, која, од нејзината обнова т.е. од нејзиното ново воскресение во 1958 и 1967 година, доживува ренесанска преродба и се именува Светоклиментова, а е прифатен за патрон од целиот наш благороден македонски народ. Благодарение на нашата актуелна власт, на чело со г. м-р Никола Гуевски, Свети Климент е прогласен за државен празник. Свети Климент е основоположник на првата словенска Црква, на нашите простори чии корени се од апостолско време, а врез основа на која израснува идната славна Охридска Архиепископија, која во своето илјадагодишно постоење заслужила најмногу за сестраното развивање на македонскиот творечки гениј и за запазување на нашата национална македонска самобитност. Свети Климент го проповедал Светото Евангелие на нашиот народен македонско-словенски јазик и се трудел тоа да го пренесе и на голем број идни служители: свештеници, калуѓери, учители – просветители и високо издигнати продолжувачи на неговата епохално дело. Подигнал голем број цркви и манастири. Се упокоил во Господа на 9 август 916 гоодина бил сохранет во неговиот манастир “Свети Пантелејмон”, каде бил сместен Охридскиот Универзитет. Неговите свети мошти денес, во блажен мир почиваат, во посебен саркофаг, во новообновен манастир “Св. Пантелејмон” на Плаошник.

Свети Климент, бил широко образован христијански мисионер, родољубец и благодатен молитвеник, исполнет со безгранична љубов кон сите луѓе а особено кон својот народ и кон своите ученици и соделатели. Неговиот живописец вели : “Тој се грижеше да ја упати мислата на луѓето во правец кон кротоста и совршенството, а грижата за народот ја сметаше за своја храна”. Честопати Свети Климент одел по селата и на лице место им покажувал на луѓето која и каква култура да садат на  нивите. Тој дури им покажувал како да ги садат лозјата и овошките. И ден-денес во охридскиот регион позната е сорта на цреши Климентина.

 

Духот и делото на Свети Климент е длабоко внедрен во душите и срцата на сите верни христијански македонски синови и ќерки, и овде во Татковината и насекаде по светот каде што не има, а не има многу. За среќа повеќето од нив се обединети и закрилувани во топлите прегратки на нашата Света Македонска Православна Црква, преку новоизградените цркви и манастири. Живоносниот Светоклиментов дух на посебен начин е длабоко всаден во душите и срцата на нашите еднородни по дух и крв браќа и сестри Македонци и Македонки кои живеат во Соединетите Американски Држави, Канада и Австралија и во Западно – Европските Земји. Тој и денес живее и дејствува на таков начин што ги собира чедата на Македонија во нашите новоизградени цркви и културно-просветни центри во кои се зацврстува црковно-националното еднинство и се челичи патриотскиот македонски (и само македонски) дух. Тие претставуваат вечнио жаришта и чувари на народниот и духовен бит на нашот народ. Го негуваат и продлаочуваат сето она што со векови било создавано и осветувано од нашите предци на просторот од нашата библиска христијанска Македонија.

         

Животворниот дух и бессмртното епохално дело на Охридскиот свештеноначалник и чудотворец нека ни помага уште повеќе да го доизградуваме и разубавуваме нашето заедничко возвишено црковно-народно дело. Да се трудиме , како библиски народ возвеличен и внедрен од Бога во Книгата на вечноста, во Книгата на мудроста над мудростите- во Библијата за целосно преуспевање на нашата Света Црква, на нашиот благороден македонски народ и за току посакуваниот насушен вечен мир и благосостојба во нашата сакана Македонија.

 

Да му се молиме на вечно живиот пред Бога и златен наш, Свети Климент и натаму да не закрилува, вдахновува и умудрува. Тој да раководи со нашата Света Црква и Татковина, та заедно со целиот наш Богоблагословен народ да одиме во пресрет на полна животна радост.

 

Господи нека е благословено Твоето име од сега и до века, та преку молитвите на вечно живииот пред Бога Свети Климент, и ние за навек да векуваме како Македонски народ, како Македонска суеверна држава и како Македонска светоклиментова афотокефална Православна Црква.  А М И Н !

 

        

 

        

 

        

 

                                        

 

 

                                                                                        подготвил :

                                         свештеник Жарко Мицковски, професор