Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Осветен нов храм во Македонска Каменица (26.10.2008)

На 26. 10. 2008 година, во 19-та Недела по Педесетница, кога се празнува светата маченичка Злата Мегленска, поглаварот на Македонската Православна Црква, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, со членовите на Светиот Архиерејски Синод, а во сослужение на свештенослужители од Македонската Православна Црква, го изврши чинот осветување на новоизградениот храм во Македонска Каменица, посветен на Успението на Пресвета Богородица.

Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан одража пригодно слово во кое, како тогашен Митрополит Брегалнички, се присети на тогашните почетоци за изградбата на овој свет храм.

По пригодното слово на Поглаварот, по предлог на надлежниот Архиереј, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, со одлука на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ, Архиепископот му додели Светиклиментов орден на г. Перо Митревски – градоначалник на општина Македонска Каменица, како најзаслужен и најактивен во изградбата на храмот.

Потоа надлежниот Архиереј г. Иларион им подели благодарници и пофалници на сите дарители кои помогнаа во изградбата на храмот.

По Светата Литургија, Неговото Блаженство, Поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, заедно со Архиереите на МПЦ и клирот, го благослови празничниот ручек, заблагодарувајќи Му се на Бога, Мајката Божја, на градоначалникот на Општината, за сета убавина што ја виде тој ден и за присуството на многубројниот народ кој дојде да ја сподели небоземната радост заедно со нив.

Архиепископот г. г. Стефан, восхитен и радосен од многубројниот верен македонски народ, рече: „Сме градиле, градиме и ќе градиме храмови, а преку нив и ние постануваме духовни храмови, кои што ќе сведочат за вистината Христова”.

 

                 

 

                

 

                 

 

                  

 

                

 

                 

 

                 

 

Известува: ѓакон Саше Ристов