Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Бдение во манастирот во Рајчица (28.09.2008)

Крстот е најубавото нешто што му се случи на светот. Тој е украс на целата вселена, силно оружје на христијаните и моќна заштита. Христовиот крст, на кој љубовта на нашиот Спасител блесна со силна божествена светлина и со кој Тој нѐ обедини во едно тело, нас Своите расејани деца, донесе во домот на светиот великомаченик и победоносец еден свештен собор на верници од целата наша земја, кои молитвено собрани во љубов кон Христа и еднодушно, со голема ревност, торжествено го прославија светиот празник на неговото Воздвижение.

Како израз на својата бескрајна радост заради пожртвуваноста на овој молитвен собор, кој секогаш притекнува во Бигорскиот манастир, сакајќи да го сподели молитвениот подвиг на монасите на сеноќните бденија, игуменот, Архимандрит Партениј се обрати до присутните со една пригодна проповед во која им го изложи значењето на крстот во животот на секој православен христијанин. Имено, тој им напомна дека крстот го претставува она дрво на животот кое било засадено во рајот, во Едем, за човекот да се насладува од него, и кое тој го изгуби кога отпадна заради првиот грев. „Сега најубавото дрво е дрвото на Животворниот Крст, кое го засади Господ во Ерусалим и на кое се прикова вистинската божествена храна, самиот Бог, Кој се даде за наша наслада, приковувајќи се на тоа дрво. Секогаш кога ќе го видиме крстот се потсетуваме на страшните настани од Голгота, на страдањата на нашиот Господ, на пролеаната крв, но тој нѐ потсеќа и на вечниот живот, бидејќи преку крстот е победена смртта, крстот е и воскресение. Затоа секој човек кој со вера погледнува на крстот ќе биде спасен и секогаш преку Причесната на Светата Литургија ќе му биде источувана божествената храна за вечна наслада и спасение.”

Спомнувајќи си за моментот кога светите цар Константин и Елена го пронашле Чесното дрво во Ерусалим, со што христијанството станало и државна вера, архимандрит Партениј напомна дека пронаоѓањето на Крстот и неговото издигнување е всушност знак на победата над смртта и денес крсното дрво се издигнува за со спасоносните зраци да ги освети нашите души, се издигнува за победа над злото исто како што се издига знамето за да ги повика своите војници на подвиг и победа. Потоа о.Партениј ги потсети и за чудото што се случи со манастирот под закрила на Чесниот и Животворен Крст Господов: „Гледајте како и овде на границите на нашата држава, каде што за жал го гледавме залезот на христијанството, крстот засветли, се издигна и направи свој дом, дом кој не може ништо да го разруши и постави стража, монаси кои како најхрабри чувари молитвено бдеат и ја пазат светата Православна вера.“

На крајот од својата проповед, о. Партениј ги замоли сите присутни да се помолат за христијаните, за нивно вразумување, за затоплување на нивните срца за да разберат какво свето име носат, името на едната, вистинска, света вера. Бдението беше крунисано со Божествена Литургија со која чиноначалствуваше митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки г. Тимотеј.

По Божествената Литургија сите посетители и верници беа поканети на заедничка трпеза на која присуствуваше и министерот за транспорт и врски г. Миле Јанакиевски со шефот на кабинет г-ца Анета Стојановска. 

 

                                                              

 

                                                               

 

                                                               

 

                                   

 

                                   

 

        

 

 

                                                           

 

 

                                 

 

        

 

        

Известуваат: сестрите од манастирот во Рајчица