Бигорски манастир (29.08.2008)

'Сечесниот хор од премудрите апостоли се собраа чудесно за да го погребе славното Твое пречисто тело, Богородице севоспеана; со нив воспеваа и мноштво ангели, фалејќи го твоето чесно претставување коешто со вера го празнуваме.”
Како што некогаш Светиот Дух на чудесен начин ги собра апостолите распрснати по цел свет и ги донесе на погребението на Мајката Божја, така и денес на празникот на Нејзиното сечесно успение, Богомајката ги собра во Бигорската обител Своите чеда од сите краишта на нашата земја, за преку нив да излее обилна благодат и над целиот наш народ. Таа благодат ги допираше срцата на сите присутни, а свечениот дух што се чувствуваше во манастирот навистина ги потсети на воскресната радост, бидејќи за нас верниците овој празник е второ Воскресение.
Иако како што вели св. Јован Дамаскин, Пресветата Богомајка ги надминува сите граници на пофалбата и нема ниеден човек кој би можел достојно да го пофали свештеното претставување на нашата Владичица, сепак ова сеноќно бдение со своите прекрасни стихири, а особено преку величествените стихови на статиите испеани во чест на Нејзинот блажено успение, беше вистинско воспевање и величање на Мајката на вистинскиот Живот.
Раскошниот епитаф како Нејзин гроб, украсен со нежно разнобојно цвеќе, во кој што беше положена плаштаницата, ширеше благоухан и пријатен миомирис и оставаше впечаток како пред верниците навистина да беше положено Нејзиното пречисто тело, па така тие, духовно пренесени во Гетсиманската градина и соединети во молитвата, благодарно принесуваа достојни пофалби. А Пресветата како голема заштитничка на монасите, со мајчинска нежност го прегрна новиот расофорен искушеник, Спасе Медаровски, кој примајќи го монашкото расо од Нејзините пречисти раце, се вброи во храбрата војска на Нејзиниот Син.
Разбирлива беше и радоста на игуменот, архимандрит Партениј, што неговата голема почит и љубов кон Пресвета Богородица беше споделена од толкав број на верници. Обраќајќи се кон нив, тој ги замоли да ѝ ги подарат таа вечер своите срца на Богомајката, да ѝ ги принесат на дар, бидејќи, како што рече, 'немаме што друго да ѝ подариме, ние грешните, освен нашата искрена молитва и нашата искрена љубов. Искрената молитва Богородица секогаш ја услишува а ние имаме и за што да се молиме. Да се помолиме за нашите млади, да го најдат патот, да го најдат Христос, Кој е вечен живот, бидејќи без Него, сите сме затворени во трагедијата на смртта. Да се помолиме за нашата влада, Господ да им дава сили зашто толку се трудат да ја воведат божествената наука во училиштата, па нашите деца да не талкаат по трагедијата на стариот свет, туку да го најдат излезот - Христа. А пред сѐ, да да се молиме Пречистата да ја чува нашата татковина, да ги просветлува душите на сите христјани бидејќи, како што пее светата Црква:
'Во Тебе се победуваат законите на природата, Дево Чиста, зашто девствува раѓањето и животот ја прстенува смртта; по раѓањето девојка и по смртта жива, го спасуваш секогаш, Богородице, Твоето наследство.”









Известуваат: сестрите од манастирот во Рајчица