Лазарополе (03.08.2008)

Кога им зборувал на апостолите, нашиот Господ Исус Христос некогаш рекол: „Каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму Сум и Јас посреде нив.”
Така, имајќи ги на ум овие зборови и продолжувајќи една прекрасна традиција која трае веќе 12 години, браќата од Бигорскиот манастир и сестринството од метохот посветен на св. Георгиј, молитвено се собраа во живописното село Лазарополе, заедно со присутните верници, да отслужат Божествена Литургија во чест на големиот пророк и вториот претеча на Христовото доаѓање, св. Илија. Истовремено, тие си спомнаа за бројните синови на нашата татковина, кои водени од силна љубов кон својот народ и непоколеблива надеж и вера во распнатиот за нас Спасител, ги положија своите животи за денешната наша скапоцена слобода.
Беседејќи за ова во својата проповед по Божествената Литургија, архимандрит Партениј, ја нагласи важноста на верата во Евангелието и во Вистинскиот Бог за создавањето на здрави семејства и силна Црква, на народ со цврсти морални вредности кој е подготвен и животот да го даде но да не дозволи компромис со никого кога станува збор за Вистината.
„Денес, за жал”, - продолжи о. Партениј, - „времето во кое живееме многу потсетува на периодот кога живеел свети Илија, бидејќи како тогаш и денес луѓето се поклонуваат на многу лажни идоли и отпаѓаат од Бога, губејќи го спасението. Затоа ни е неопходно во училиштата да се врати веронауката која ќе ни помогне да изградиме здрава младина со силна вера, високи морални вредности и силен дух, која слично на преродбата од XIX век, ќе го воскресне овој народ, најпрвин духовно, а потоа и материјално, со што ќе зајакне и нашата држава.”
Оддавајќи им почит на големите предци од славното минато на ова село, архимандрит Партениј, отслужи и трисагија за упокоените, а потоа беше осветен и крст, подигнат на истото место на кое во предвечерието на празникот минатата година се појавило крсно знамение.
Најпосле, возобновувајќи уште една стара традиција, во Бигорскиот манастир, игуменот со братството направи славословие во спомен на паднатите на браникот за нашата православна вера и за слободата на нашиот народ. На бројните присутни во манастирот им се даде можност, заедно со браќата да се присетат на тоа колку жртви се дадени за придобивките кои денес ги уживаме и затоа им должиме на нашите прадедовци да го запазиме она што тие го сметале за највредно во нивниот живот - верата и татковината.



