Божествена Литургија (17.06.2008)

Празнувањето на свети Еразмо Охридски, светител од првите векови на христијанството, во Македонската Православна Црква на најсвечен начин се празнува во Дебарско-кичевската епархија, каде што споменот за неговата проповед во Охрид во самиот почеток на IV век продолжува со голема чест и денес.
Свети Еразмо неколку години пред крајот од својот живот, односно три години евангелската проповед ја пренел и на Македонците, проповедајќи во градот Охрид, тогашен Лихнид. Неговото житие нè известува дека тој во Христовата вера покрстил 20.000 луѓе.
Токму затоа, бидејќи неговата проповед била на брегот на Охридското Езеро каде што до ден денешен постои пештерна црква посветена на неговото име, од Охрид, Охридско и Струшко илјадници поклоници доаѓаат за да се поклонат, да се помолат и да запалат свеќа во манастирот. И не само од градот Охрид, охридско и струшко, туку и многу посетители на Охрид, гледајќи ја оваа масовна свеченост во манастирот, се привлечени од таа убост за да дојдат и тие да ја искажат својата чест на светителот Еразмо Охридски.
Така беше и оваа година. Иако приликите беа такви што во саботата на 14 јуни беше Задушница, и многу православни верници уште од раните утрински часови одат на гробишта, за молитва кон починатите; а следниот ден, пак, беше празникот Педесетница, сепак сите оние верници кои секоја година ја укажуваат честа на светителот со доаѓањето во неговиот манастир, и овој пат многу поклоници го посетија манастирот.
Вечерна богослужба во манастирот отслужи неговото Високопреосвештенство Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, со свештенослужители од Епархијата, на која се благослови и освети петолебие, а кон верниците со кратко слово се обрати Владиката.
Следниот ден Владиката г. Тимотеј со свештенослужителите отслужи света Литургија, а потоа и веднаш Вечерна богослужба, на која се читаа коленопреклони молитви за празникот Педесетница. Потоа Владиката и свештенослужителите се упатија кон изворот, кој се наоѓа под манастирот, каде што извршија водосвет и ги прекрши и ги благослови празничните лебови.


Известува: ѓакон Димче Азески