Преосветување на светиот престол во црквата на свети Никола во с. Враништа (струшко) (03.06.2008)

На 02. VI 2008 година, ден кога црквата го празнува споменот на светиот маченик Талалеј, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј служеше Архиерејска Божествена Литургија во црквата на свети Никола во село Враништа – Струшко, во сослужение на архимандрит Нектариј, игумен на манастирот на свети Наум Охридски, протоереј Темелко Донески, старешина на црквата на свети Георгиј – Струга, парохискиот свештеник Ристе Наумоски и ѓаконот Димче Азески, референт при Дебарско-кичевската епархија.
Пред почетокот на Литургијата, Митрополитот Тимотеј изврши преосветување на реновираниот свет престол во црквата, која што е изградена во 1804 година, а фрескоживописана од раката на Аврам Дичов во 1868 година, додека фрескоживописот во олтарот е дело на уметникот Драган Ристески од Охрид.
Забележително беше присуство на огромен број на верници, како од селото така и од градот Струга и околните села, кон кои Митрополитот се обрати со поучно слово, во кое зборуваше за животот и делото на светиот маченик Талалеј како и за тоа дека преку животот и исполнувањето на Божјите заповеди, освен цркви од камен, треба да градиме и живи цркви, во кои непрестајно ќе престојува Вечноживиот Бог.



Известува: ѓакон Димче Азески